Падот на цената на нафтата, ќе ги намали и цените на храната?

Падот на цената на нафтата и нафтените деривати само по себе повлекува пад на цената на производите во малопродажбата, барем на оние чие производство е поврзано на некаков начин со нив- вели економската логика. Но, во пракса, во Македонија, ако цената на горивата во изминативе три години се намали за речиси 30 проценти, цените на храната во малопродажбата се намалија минимално, пишува Лидер.

Според некои пресметки, учеството на нафтата и нафтените деривати во формирањето на финалната цена, особено во производството и во транспортот, изнесува од три до пет проценти, па следствено на тоа може да се очекува намалување на цените на производите во малопродажба.

Некои компании веќе ги почнаа да ги прават пресметките за тоа колку би заработиле од поевтинувањето на нафтените деривати.

Компаниите прават сопствени калкулации дали постои можност за намалување на цените на нивните финални производи. Според повратната информација која ја имаме од одредени членки на ССК се разгледуваат такви можности, постои можност посебно во заштедата што може да се направи во транспортните трошоци и трошоците за дистрибуција на сопствените производи, вели извршниот директор на ССК, Митко Алексов.

Стопанствениците велат дека пониската цена на нафтата, како важен инпут во формирањето на продажните цени, се очекува да предизвика поевтинување и на другите производи.

Најевтини горива во последните години

Од оваа седмица низ земјава се продаваат најевтини горива во последните години. Согласно одлуката на Регулаторната комсиија за енергетика (РКЕ) рафинериските и малопродажните цени на нафтените деривати се намалија во просек за 14,35, односно за 8,83 отсто.

Бензинот и дизелот се точат по 3,5 денари поевтино. Цената на Eуросупер БС- 95 изнесува 57,5 денари за литар, Еуросупер БС- 98 се продава за 59,5,  а Евродизел за 39 денари. Цената на горивата континуирано паѓа почнувајќи од октомври минатата година. 95-ката и 98-цата се намалени за вкупно 5 денари, а дизелот за 11 денари по литар. Најевтини горивата во Македонија биле во 2004 година, кога литар дизел чинеше 36 денари. Од друга страна, дизелот пред само три години се продаваше за цена од 75,5 денари. Бензините во 2012 година се продаваа за цени од по 89, односно 90,5 денари за литар.

Ако овие цени во Македонија продолжат да паѓаат ќе се доближат до историски најниските, а дека тоа може да се случи- доказ е падот на вредноста на суровата нафта на светските берзи. Имено, цената на суровата нафта на светските берзи се врати на ниво под 30 долари за барел. Причина за загриженоста на трговците е презаситената понуда, која наскоро дополнително ќе биде зголемена поради враќањето на иранскиот извоз на нафта.

Компаниите калкулираат – падот на цените ќе ја поттикне потрошувачката

Но, додека цената на нафтата на светските берзи вртоглаво паѓа, а цената на горивата во земјава се намалува, компаниите ги прават пресметките- колку можат да добијат од падот.

Од Организацијата на потрошувачи велат дека цените се формираат на пазарот, но намалувањето на овој главен инпут значи дека многу македонски производи ќе треба добијат пониски цени, а со тоа ќе се поттикне продажбата.

Како Организација на потрошувачи очекуваме да се намалат цените, посебно во ланците на супермаркети и дека тие нема да ги покачуваат маржите врз база на тоа, туку ќе останат во едно нормално ниво, односно да паднат маржите особено на македонските производи, вели Маријана Лончар- Велковска.

Според стопанствениците- дали падот на цената на горивата во земјава ќе придонесе да паднат и цените на храната, најмногу ќе зависи од самиот сектор, иако падот на цените најпрво се очекува во транспортот.