Македонија

Падот на една лажна опозициска платформа

Падот на една лажна опозициска платформа

Барокот на Љубчо и СДСМ во него.

Oпштина Центар го евидентира секое движење низ боемската улица во Дебар Маало. Прецизно со фотографии. Кој, кога, со кого, како… Ако е за некоја уметничка колекција, добро е… зошто да не. Но, се ми се чини дека ова повеќе наликува на она сценариото на Фрчковски за “наши кафеани”, “наши улици” , “наши и нивни паркови, продавници….”. И согласно тоа секој влез на “натрапниците” мора да се евидентира и да се објави во медиумите на срамот. Но, да не си прават бајрам на умот… Тешко дека може да се реализира идејата на Фрчковски за “наши и нивни кафеани”, барем за кафеаните… Едноставно е. Тоа е расистичко-фашистичка идеја, а во кафеани одат боеми… луѓе на кои таквите вредности што ги споделува Фрчковски им се далечни… Непознати…

Kако и да е. Обидот да се релативизира гламурозната журка на раководството на СДСМ во новиот театар со прошетки, или ракија и ќебапи на боемска е тежок очај. Пишувањата за присуството на Заев, Шекеринска и комплет друштвото од Бихаќка во театарот не е критика за тоа што тие се нашле таму, туку критика за нивните политички ставови кон целиот проект Скопје 2014. СДСМ веќе шест години гради политичка платформа, целокупната опозициската политика е базирана на критика, омраза, оспорување, негодување на Скопје 2014. На се што е дел од тој проект. На основата на тој проект. И наместо Заев да признае и да се извини за погрешните политички проценки на својата партија, на својот поранешен лидер, кој заедно со една група опозициски новинари и партиски експерти ја осмислија таа стратегија – “мрчи за се”, тој на телевизија се извинува за, според него, погрешниот чекор што отишол во новиот театар. Па дури и се заветува дека тоа немало да се повтори. “Господи боже, Исусе Христе, Сине Божји, смилуј се на него грешниот”.

Новиот народен театар е објект на овој народ. Не е на Груевски, ниту пак е на ВМРО-ДПМНЕ. Во тој нов објект на МНТ, утре ако СДСМ дојде на власт, ќе треба да именува директор. Исто така и во зградата на Музејот на Револуционерната Борба. Ако утре СДСМ победи на избори, ќе треба да назначи свој министер за надворешни работи. Тој ќе треба да влезе во новата зграда покрај Вардар. Во кабинетот на тој министер, на тие директори, ќе треба да се организираат состаноци. Да доаѓаат функционери, тоа ќе бидат луѓе на партијата, на СДСМ, ако победат на избори… Едноставно треба да се раководат тие институции. Што тогаш? Заев, ако некогаш стане Премиер, нема да влезе во барокните коцки на новата влада? Ќе ја премести во Струмица? Ќе ја реновира? Ќе руши се што изгради оваа власт? Или ќе гради нови, по логиката на Фрчковски? Ќе свика прес-конференција, па пред да влезе во објектите ќе се извинува што ете мора да влезе? Да! Извинување е потребно, но не затоа што ќе се влезе, или ќе се отиде на претстава во овој театар. Извинување е потребно поради промашената политичка идеологија која упорно и упорно се форсира. Затоа што на сите им е јасно како ќе заврши целата оваа приказна со проектот Скопје 2014, ако некогаш дојде СДСМ на власт. Исто како што Црвенковски во 2002 година на Плаошник го прими бугарскиот Цар, Сименон. Првиот странски политичар, на првата официјална посета, го однесе на Плаошник. Со гордост го прими во објектот за кој само три месеци претходно, СДСМ фрлаше и со дрвја и со камења по него. Од Плаошник, Црвенковски и Симеон пешки се симнаа до античкиот театар, исто така до тогаш со омраза оспортуван проект, на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Е да, веќе од следната година, Црвенковски воспостави и традиција. Доделувањето на инжинерскиот прстен, награда за архитектура, да се одвива во “омразениот” за СДСМ Плаошник. Се ќе биде исто. Гламурнозниот бал беше само генерална проба. Но, што би рекле Бугарите – “ште поживеем, па ште видим”.

За се може да се дебатира, да се анализра, да се критикува, за приоритетите при изградбите, за средствата. За се. Исто како што може да се дебатира и за приоритетите дали треба бомеска улица или крпење на општинските улици. Но, боемската улица е добар проект. Можеби единствен на кој јас во моментов можам да се сетам, направен од раководството на Општина Цетар во овој период. Но и таков еден, добар е. Дали е скап, дали некому му е по ќејф или не.. е релативна работа. Работа за која може да се дебатира. Но, проблем е кога се прави политичка платформа на отпор при која било изградба на нешто. И на Боемската улица се сечеа дрвја, се вадеа стари дотраени бетонски плочи, па никој не жалеже по нив, како што опозицијата со години веќе “жали” по сивото и празно Скопје.

И за да биде комплетен поразот на опозициската погубна-мрчаторска политика за Скопје 2014, се погрижи, кој друг ако не Љубчо Георгиевски. Неговото учество и добивањето на тендерот за изградба на барокниот хотел под Кале значеше патосирање на една цела идеологија која СДСМ и опозциските мегафони ја билдаа. Се пропадна во вода, од обвинувањеата за обезличување на македонскиот идентитет, па се до тоа дека Скопје 2014 била пералница на пари. Изјавата дека некој некому му расипал осум годишна забава е барање алиби во паника. Прашањето е многу посериозно од приказната за расипувач на забави. Ако Георгиевски и понатаму смета дека Скопје 2014 е пералница на пари, тогаш, таму горе на павелшатевска да му објасни на Заев како тој велгол во пералницата, дали како детергент во пред перење, или можеби како калгон. А да! Веројатно и Заев ќе мора да му објасни на Љубчо, како фирми на неговои соработници добивале по некој тендер од Скопје 2014. Не бил по се изгледа само Љубчо. Така барем се зборува. А, ако навистина Георгиевски прв пат учествува на тендер распишан од власта и притоа од прва го добива, чесно е да и се извини на јавноста за заблудите што ги ширеа заедно со СДСМ. Друго нема.

Марјан Николовски – Новинар