„Падот на Гондолин“ од Толкин ќе биде објавена во август

Книгата „Падот на Гондолин“ од Џ. Р. Р. Толкин, авторот на „Господарот на прстените“ ќе биде објавена во август годинава, 45 години по смртта на британскиот писател, кој ова дело го нарече „првата вистинска приказна“ за Средната Земја.

Книгата е во издание на „Харпер Колинс“, од каде велат дека Толкин на „Падот на Гондолин“ гледал како на една од трите големи приказни за старите денови на Средната земја, заедно со приказната за „Берен и Лутиен“, објавена во мај 2017 година, како и „Децата на Хурин“, која беше издадена во 2007 година .

Сите три станаа дел од „Силмарилион“, постхумана компилација на необјавените дела на Толкин на кој тој најмногу работел, иако светската слава ја доби со „Хобит“ и „Господар на прстените“, уредени и издадени од неговиот син Кристофер Толкин во 1977 година.

Според Џон Гарт, авторот на „Толкин и Големата војна“, Толкин првата приказна за падот на Гандолин ја напишал во 1916 година додека во болница се опоравувал од раните добиени во битката кај Сом во Првата Светска војна.

Тоа е приказна за потрагата, за човекот кој против својата волја станува вистински херој, модел за сè што Толкин подоцна го напишал. Во книгата има Господар на мракот, а ова е првата средба со орките и балрозите и  е подготовка на Толкин за се што ќе напише подоцна, рече Гарт.

„Падот на Гондолин“ го следи смртникот Туор, кој го пронаоѓа Гондолин, скриениот град на бесмртните виленици, делата на херојот и на неговите пријатели и семејството, се до уништувањето на градот.

 

Гарт потенцира дека „Падот на Гондолин“ е најголемата толкинова приказна за битката за Средната земја надвор од „Господарот на прстените“, но верува и дека главната работа во врска со книгата ќе биде начинот на кој Толкин се обидел повторно да ја раскаже приказната, во стил кој наликува на „Господарот на прстените“.

Во првата верзија на приказната имате чувство дека ја читате „Илијада“, но ова незавршена приказна е поприродна, вели Гарт.

Изданието, како и претходните постхумно објавени дела на Толкин, го уредуваше неговиот син Кристофер.

Објавувањето на книгата ги изненади љубителите на делата и ликот на постариот Толкин бидејќи Кристофер (93) ја нарече претходно објавената „Берен и Лутиан“ како последна во низата од долгиот серијал на изданија на неговиот татко.