Пахор: Балканот е природен терен за проширувањето на ЕУ

Словенечкиот претседател Борут Пахор денеска изјави дека Западен Балкан е „природниот терен“ за проширување на ЕУ и истакна дека, заради чувствителноста на регионот, процесот на проширување не треба да биде само технички процес, туку проширувањето подразбира и сериозен политички процес.

Во обраќањето на безбедносната конференција во Будва, Пахор кажа дека успехот во проширувањето зависи од посветеноста кон ЕУ и НАТО, како и од безрезервната посветеност на секоја земја во регионот кон решавањето на билатералните и мултилатераните прашања кои можат да го попречат успешниот тек на преговорите, пренесе СТА.

-Тоа разбирање е клучно за зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот, истакна Пахор.

Како што тој додаде, свеста за тоа може да биде покрената преку процесот за регионална соработка Брдо-Бриони и, во врска со него, изрази уверување дека престојниот самит на оваа иницијатива во Сараево ќе биде од големо значење.

Пахор овој став го искажа на панелот на претседателите, на последниот ден од политичкиот и безбедносен форум во Будва, на кој учествуваа и претседателите на Хрватска и Црна Гора.