Пакетот мерки за намалување на невработеноста наскоро пред пратениците

Во Собранието денеска седници на четири собраниски комисии

Пакетот мерки за намалување на невработеноста наскоро ќе се најде пред пратениците во Собранието на Република Македонија. Се очекува дека овој мега проект, што беше најавен минатата недела на народниот собир во Битола од страна на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски да поттикне 20.000 до 25.000 нови вработувања.

Во рамки на вчерашното обраќање на народниот собир во Штип, Груевски најави дека на овој пакет мерки во владата се работи турбо и дека за кусо време ќе бидат завршени и пратени во Парламентот.

Според најавите се очекува дека овие мерки ќе почнат да се применуваат кон крајот на април, а преку нив ќе се стимулиураат работодавачите да вработуваат нови работници. Пакетот предвидува државата да го плаќа давачките за придонеси за повеќе категории граѓани.

Мерката ќе важи за лица до 35 години – за нив државата во тек на три години ќе ги плаќа персоналецот и придонесите. Компаниите кои ќе вработат лица на возраст од 35 до 50 години кои биле 10 години без работа ќе бидат ослободени од даваките во следните пет години. За вработување лица над  50 години работодавачите нема да плаќаат придонеси пет години и по истекот на овој период нема да имаат обврска да ги задржат лицата на работа.

За граѓаните постари од 58 години кои 2 години се без работа, владата ќе ги покрива давачките до пензионирање, независно колку време ќе биде тоа.

Очкувањата се дека овој пакет мерки ќе поттикне нови 20. 000 – 25. 000 нови вработувања во текот на следната година, откако ќе стапи на сила.

За ова во рамки на своето вчерашно обраќање пред штипјани говореше и премиерот Никола Груевски на големиот народен собир на владејачката партија.

-Доказ за тоа ни е што само еден мал сегмент од овој вид кој го практикуваме веќе 11 месеци, веќе вработи 7.400 невработени млади до 29 години. Изненадувањето беше огромно и со позитивната бомба за вработување на волонтерите, договорите на дело, вработените на определено време и слични категории, кои со години го очекуваа тоа. Со специјален закон кој експресно брзо се донесе и се спроведува, а со кој на над 3000 луѓе им се обезбеди работно место во јавиот сектор. И јавниот сектор и граѓаните ќе бидат задоволни затоа што овие луѓе имаат искуство и се добро обучени да ја вршат својата работа, рече Груевски.

Инаку, во рамки на досегашните народни собири во Скопје, Битола и Штип владата најави низа проекти, а некои од нив веќе почнаа и да се реализираат.

Студентите веќе можат да аплицираат за добивање на вредносен ваучер за набавка на таблет компјутер со тастатура. Оваа мерка беше најавена на 15-ти март, по два дена помина на владина седница, а по една недела се најде и пред пратениците во Собранието.

Исто така, пред две недели беше најавено дека од јуни годинава ќе се зголеми и социјалната помош за 10 отсто.  Оваа мерка ќе се најде на владина седница во вторник, а веќе во среда ќе се најде и пред пратениците во парламентот.