Пакистан го повика американскиот амбасадор по заканите од Трамп

Пакистанското министерство за надворешни работи го повика во понеделникот вечерта американскиот амбасадор во Исламабад, Дејвид Хејл, како сигнал за недоверба, откако американскиот претседател Доналд Трамп во свој твит ги потврди претходните медиумски извештаи дека САД може да ја скратат финансиската помош за оваа земја поради незадоволството од нејзиниот ангажман против исламистичкиот тероризам.

Портпаролот на американската амбасада во Исламабад, изјавил за агенциите дека амбасадорот Дејвид Хеејл во понеделникот вечерта бил повикан да дојде во пакистанското министерство за надворешни работи, додавајќи дека дипломатот „дошол таму и се сретнал со функционери“. „Немаме коментари за тоа што тогаш зборувале“, додал.

Пакистанското министерство за надворешни работи не одговорило на прашањата за спредбата, ниту издаде соопштение.

Меѓутоа, повикот до амбасадорот на САД доаѓа по неколкуте написи во американските влијателни медиуми и извонредно острата објава на претседателот Доналд Трамп од понеделникот на неговиот профил на Twitter насочена против Пакистан.

„САД последните 15 години глупаво дале 33 милијарди долари помош за Пакистан, а тие за возврат не дадоа ништо освен лаги и дволичност, мислејќи дека нашите челници се будали. Тие им даваат сигурно засолниште на терористите кои ги ловиме во Авганистан, со мала помош. Доста беше!“, напиша Трамп.

Пакистан преку својот министер за одбрана Курам Дастгир-Кан веднаш одговори дека им помогнал на САД во „уништувањето“ на терористичката мрежа Ал Каеда, а за возврат добил само „навреди и недоверба“.

Исламабад, кој е сојузник на Вашингтон уште од периодот на идеолошката Студена војна, ги одбива американските обвинувања кои датираат уште од администрацијата на претходниот претседател Барак Обама, дека не прави доволно во борбата против терористичките групации, особено талибаните, кои своите бази ги кријат во паштунските полуавтономни планински области на границата со Авганистан. Пакистан им префрла на САД дека забораваат на илјадниците пакистански жртви во борбата против тероризмот, како и за кршење на неговиот суверенитет кога тамошните власти не се известуваат за американските воздушни удари со дронови врз цели означени како терористички, во кои често има и колатерални цивилни жртви, но страдаат и пакистански војници.

Администрацијата на претседателот Трамп во август го извести Конгресот дека сериозно размислува за укинување на помошта во износ од 255 милиони долари годишно, чијашто исплата уште тогаш доцнеше. Имено во јули САД соопштија дека на Исламабад треба да му исплатат 900 милиони долари, од кои 550 милиони веќе му биле исплатени на Пакистан.

Промовирајќи ја новата стратегија за национална безбедност Трамп на 18-ти декември рече дека смета оти Пакистан мора да се поттикне на пожестока борба против тероризмот и особено против „мрежата Хакани“ која се смета за најопасна терористичка групација во регионот.