Пакистан: Нови девет егзекуции со бесење

Девет нови егзекуции со бесење се извршени денеска во Пакистан и покрај критиките од ЕУ и организациите за заштита на човековите права поради неодамнешното укинување на мораториумот за смртна казна, воведен во 2008 година.

Девет лица со различни прекршоци биле обесени утрово во затвори во провинцијата Пенџаб, со што бројот на егзекуциите од средината на декември минатата година достигна 48, соопштија затворските власти.

Како одговор на талибанскиот напад на 16 декември врз училиште во Пешевар, во кој се убиени 154 деца и наставници, Пакистан го укина мораториумо за смртна казна, првично само за случаи на тероризам, а од минатата недела и целосно.

Во Пакистан вчера беа обесени 12 лица кои биле осудени на смртна казна, меѓу кои е и Мухамад Афзал, кој имал 16 години во моментот кога бил осуден. Истото се очекува да му се случи и на Шафкат Хусаин, кој бил на 14-годишна возраст, кога му била пресудена смртна казна во 2004 година, соопшти „Амнести интернешанл“

ЕУ ги повика пакистанските власти повторно да го вратат мораториумот за смртна казна и да ги почитуваат меѓународните обврски, кои забрануваат смртна пресуда за злосторства извршени од лица под 18 години.