Палестинец избоде Израелец во Ерусалим, разгорени протестите во Бејрут и на Далечниот исток

протест на приврзаници на движењето Хамас во Појасот Газа

Палестинец избодел со нож Израелец кој работел во обезбедувањето на главната автобуска станица во Ерусалим во неделата, соопшти полицијата, а во Бејрут се разгореа насилството во близина на американската амбасада, додека протести се одржаа и во Индонезија поради одлуката на американскиот претседател да го ефектуира законот за признавање на Ерусалим за израелска престолнина.

Во индонезиската престолнина Џакарата во неделата илјадници луѓе протестираа пред американската амбасада носејќи транспаренти „Палестина е во нашите срца“.

Уличните протести на палестинските територии започнаа по американската објава во средата, и повеќето од нив стивнаа, но промената на долгорочното децениското избегнување да го остварат законот на Конгресот од 1990-те за признавање на Ерусалим за главен град на Државата Израел, предизвика предупредување од арапскиот и воопшто муслиманскиот свет за можната штетата нанесена на шансите да се постигне мир на Блискиот исток.

„Се надевам дека сѐ се смирува и дека ќе се вратиме на патот на нормалното живеење без безредија и насилства“, изјави израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман за Военото радио.

Меѓутоа подоцна се случи нападот со нож при што избодениот обезбедувач во Ерусалим се наоѓа во критична состојба откако го нападнал 24-годишен Палестинец од Западниот брег, соопшти полицијата. Напаѓачот е уапсен.

Во меѓувреме во либанската престолнина Бејрут безбедносните сили фрлија солзавец и употребија водени топови против демонстрантите, од кои некои носеа палестински знамиња недалеку од американската амбасада. Демонстрантите палат оган на улиците и ги гаѓаат безбедносните сили кои поставија барикади на главната улица којашто води до амбасадата на САД.

Министрите за надворешни работи на арапските земји кои се состанаа во саботата ноќта во египетската престолнина Каиро, ги повикаа САД да се откажат од одлуката за признавање на Ерусалим за главен град на Израел, бидејќи тоа ќе го зголеми насилството во регионот.

Статусот на Ерусалим е најгорливото прашање од сите во деценискиот израелско-палеситнски мировен процес. Израел во ткн Шестдневна војна од 1967 година го зазема источниот палестински дел на градот. Во 1980 година Израел го прогласи Ерусалим за своја историска, вечна и недделива престолна, и во западниот дел ги префрли сите државни институции: претседателската и премиерската резиденција, Кнесетот (парламентот) и сите поважни министерства. Палестинците, пак, го сакаат источен Ерусалим за главен град на нивната идна држава.

Советот за безбедност при Обединетите нации ја прогласи таа одлука за ништовна и меѓународната заедница не ги признава израелскиот суверенитет над источен Ерусалим. Сите држави коишто го признаваат Израел своите амбасади ги имаат во Тел Авив и ги одбиваат повиците на израелската власти да ги преселат во Ерусалим.

По должината на израелската граница со Појасот Газа израелската армија во неделата уништила важен преуграничен тунел кој го ископале припадниците на исламистичкото палестинско движење Хамас, кое владее во секторот.

Засега нема коментари за уништувањето на тунелот кое се случи додека палестинските фракции се договараат да го испочитуваат рокот во неделата за предавање од страна на Хамас на владеењето со Појасот Газа на претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас кој доаѓа од движењето Фатах, по деценијата раскол.

Во израелски воздушен удари во мугрите во Појасот Газа во саботата убиени се двајца палестински напаѓачи, откако во петокот милитантите истрелаа две ракети од таа област врз јужен Израел.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.