Пандев асистира, Наполи победува

Поранешниот репрезентативец на Македонија, Горан Пандев ги одигра вторите 45 минути од пријателскиот натпревар помеѓу екипите на Наполи и на Фералпи Сало.

Дуелот против нисколигашот сосема очекувано заврши со сигурен триумф на “азурите” од 2:0, а нашиот интернационалец на стартот од второто полувреме прекрасно му асистираше на Димитру кој со прецизен удар од дваесетина метри го постигна вториот погодок на натпреварот.
Претходно, во финишот од првото полувреме, во листата на стрелци се запиша капитенот на Наполи, Марек Хамшик кој ја искористи одличната асистенција на Лоренцо Инсиње.
И покрај добрата партија на Пандев, кој секогаш го дава максимумот без разлика дали станува збор за пријателски или официјален натпревар, Македонецот сигурно ќе го напушти Неапол за време на летниот преоден рок, а во изминатите неколку дена интерес за неговите услуги покажаа челниците на Фиорентина и на Фенербахче.