Пандев добива уште поголема конкуренција: Наполи зимава ќе инвестира уште 50 милиони евра

Наполи важи за еден од кандидатите за „скудетото“, најголем ривал на Јувентус, но поразот од 0-3 од шампионот и третото место зад Рома (загубија со 0-2) и од „старата дама“ му разјаснија на Де Лаурентис дека на тимот му е потребно дополнително освежување. Летово во тимот дојдоа Ихуаин, Калјехон, Мертенс, Албиол, Реина, па со нови засилувања Наполи планира да се врати во игра за највисок пласман.

„Во јануари ќе потрошиме дополнителни 50 милиони евра на засилувања. Во фудбалот се е јасно, ако не трошите, не треба да очекувате резултати. Мораме да трошиме за да бидеме конкурентни со најдобрите клубови во Европа. Наша главна цел е пласман во ЛШ и во следната сезона и добри резултати во оваа сезона. Затоа ни се потребни засилувања“, вели Де Лаурентис.

Наполи најави дека по продажбата на Кавани летово за 60 милиони евра на ПСЖ има за трошење над 100 милиони евра, па овие 50 милиони се дел од тие пари што Де Лаурентис ги најави во август.