Пандев ги мина медицинските прегледи во Џенова

Најдобриот македонски фудбалер, Горан Пандев утринава ги мина медицинските прегледи во Џенова, по што се очекува во текот на денот да го потпише и најавениот две годишен договор.

Тој уште во февруари годинава постигна согласност со управата на својот нов клуб за кам бек во италијанското првенство, каде го помина поголемиот дел од својата кариера.

Поранешниот фудбалер на Анкона, Лацио, Интер и Наполи ќе потпише две годишен договор со опција за уште една година во зависност од тоа колку настапи ќе има во првите две.

Пандев го напушти Наполи минатото лето и се пресели во Истанбул каде за екипата на Галатасарај одигра 15 натпревари и постигна 7 голови, сите во Купот на Турција.

Во изјава за Македонски спорт тој открива дека имал телефонски разговор со Љубинко Друловиќ и дека до крајот на овој месец ќе дојде во Скопје за да се види со македонскиот селектор.