Пандев не одговорил на првиот телефонски повик на Ѓуровски

Новиот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија, Бошко Ѓуровски, за познатиот спортски портал “Екипа” изјави дека остварил телефонски контакт со фудбалерот на ВБА, Горан Попов, но и дека го побарал Горан Пандев кој пак не одговорил на неговиот телефонски повик.

„Почнавме со работа, а нашата прва цел е да оствариме контакти со репрезентативците. И претходно нагласив дека сакам во репрезентацијата да играат најдобрите, оние кои се професионалци. Затоа, сакам да остварам контакти со нив. Имав телефонски разговор со Горан Попов, ми ја објасни ситуацијата, дека се обидува да се избори за стандардно место во премиерлигашот ВБА, а сега има нов тренер и се надева на поголема шанса. Го побарав телефонски и Горан Пандев. Не го добив, меѓутоа добив абер дека тој ќе ми се јави во наредните неколку дена, со оглед дека утревечер има првенствен натпревар во италијанското првенство. Мојот принцип на работа е јасен. Сакам да се видам со сите потенцијални репрезентативци, да поразговараме во четири очи, да ги дознам нивните планови и да им ги предочам своите. И понатаму сум на ставот дека за Македонија треба и мора да играат најдобрите професионалци“, изјави Ѓуровски за Екипа.