Пандев покрена иницијатива за помош на поплавените

Капитенот на македонската фудбалска репрезентацијата Горан Пандев покрена иницијатива за собирање средства за помош на поплавените и настраданите во Скопскиот и во Тетовскиот Регион, објави „Вест“.

Тој се јавил речиси на сите свои колеги од репрезентацијата да се вклучат во хуманитарна акција од каде добил зелено светло. Во договор со помошник-капитенот Ванчо Шиков и селекторот Игор Ангеловски одлучиле сите репрезентативци да се откажат од фудбалските дневници за дуелот со Албанија за квалификациите за Светското првенство и да ги донираат за поплавените и настраданите.

Пандев вели дека на 29 август кога сите репрезентативци ќе бидат во Скопје ќе подигнат пункт за донации и освен надоместоците за дуелот со Албанија, фудбалерите секој поединечно ќе може да донира пари и од свој џеб.

Сите ме прашуваат како е во Скопје и јас ги насочувам доколку имаат можност да помогнат тоа да го направат, бидејќи по фотографиите што ги видов, Македонците што живееле во поплавените подрачја преживеале ужас. Сега е потребна хуманост да си помогнеме како брат на брат, оти секому може тоа да се случи, изјавил Пандев за „Вест“.