Пандев: Се привикнувам на животот во Турција, останувам во Галатасарај

Поранешниот македонски репрезентативец Горан Пандев сепак ќе остане во Галатасарај, иако имаше силни индикации дека уште зимава ќе ја промени средината и ќе се врати во Италија.

Италијанските медиуми долго време го селеа во Фиорентина, Сампдорија, Торино, но самиот Пандев во интервју за “КалчоНаполи24” истакна дека сигурно останува во турскиот гигант.

“Се чувствувам добро. Тука сум веќе четири месеци, на почетокот беше потешко, имав одредени проблеми, но полека се привикнувам на новата средина, новиот начин на игра, новата држава каде сега живеам, Турција. Нешто поинаку е од Италија, но, полека се навикнав и се надевам дека ќе ја завршам сезоната во добар стил. На почетокот целиот тим имаше проблеми, имавме мака со повредите, но полека излеговме од кризата. Постигнав хет – трик во Купот на Турција, тоа е секогаш важно за еден напаѓач и се надевам дека ќе продолжам да играм уште подобро”, вели Пандев.

Иако немал директни контакти со италијанските тимови, нагласи дека еден ден сака да се врати во Серие А.

“Засега размислувам само за Галатасарај. Се уште имам договор за одработување со овој клуб. Еден ден се надевам дека ќе се вратам во Италија за да го постигнам и стотиот гол. Фиорентина и Торино? Тоа се два големи клуба за италијански рамки, но, искрено, немало ништо досега со нив. Не сум имал контакти со ниту еден човек од овие клубови, тука сум во Истанбул, фокусиран сум на тренинзите во Галатасарај, и среќен сум овде со своето семејство”, вели Пандев во интервјуто за “КалчоНаполи24”.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.