Пандев се враќа “дома”

Горан Пандев ја избрал Џенова за своја следна дестинација поради големата желба да се врати во италијанскиот шампионат, иако во последен момент сериозна понуда за неговите услуги испратил и англискиот премиерлигаш Евертон. Македонскиот ас е слободен играч на крајот од сезонава, по истекот на неговиот договор со Галатасарај, па токму затоа го привлече вниманието на неколку клубови ширум Европа, кои сметаа дека Пандев би бил добра инвестиција, особено поради фактот дека за неговиот ангажман нема да треба да се плати никаква отштета.

Еден од тие клубови е и Евертон, чиј менаџер Роберто Мартинез во Македонецот гледал освежување за навалната линија, која функционира доста слабо сезонава. “Карамелите” стапиле во контакт со менаџерот на Пандев, била испратена и официјална понуда, но истата на крајот била одбиена со образложение дека желба на фудбалерот е да се врати во Серија А.

Како што веќе беше обелоденето, Пандев својата кариера ќе ја продолжи во Џенова, тим со кој потпиша преддоговор за двогодишна соработка што ќе стане активен од 1 јули. Македонецот претходно во Калчо-лигата настапуваше и за Анкона, Интер, Лацио и Наполи, како и за составот на Специја во третата лига, на почетоците од својата професионална кариера.