Дискусија на ВМРО-ДПМНЕ за „Улогата на жената во општествениот и политичкиот живот” (ВИДЕО)

ВМРО-ДПМНЕ попладнево во Македонската опера и балет организираше панел-дискусија „Улогата на жената во општествениот и политичкиот живот”.

Пред членките на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и во присуство на лидерот на партијата Никола Груевски, пратеничките Даниела Рангелова и Лилјана Кузмановска, директорката на Комисјата за односи на верските заедници Валентина Божиновска и градоначалничката на општина Градско Жанета Чаушевска, зборуваа за позитивните ефекти на политиката на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ врз унапредувањето на статусот на жената во Македонија.

Кузмановска посочи на измените на Законот за работни односи, мерките за родова рамноправност и други законски решенија кои го подобруваат статусот на жената, меѓу кои и Стратегијата за еднакви можности, новиот закон за превенција на семејно насилство, закони со кои жените економски зајакнуваат итн..

Индиректно на жената и се помага и преку законите што се однесуваат на семејството, децата, мерките во здравството и образованието. Рангелова, која е и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека се отворени 53 градинки, со што жените можат полесно да се одлучат да бидат вработени, и ја поздрави најавата за отворање нови 140.

Рече и дека на пазарот на трудот има повеќе жени со високо образование отколку мажи, а ги спомна и бенефициите за жените преку политиките во здравството, како набавените мамографи кои, рече, спасиле животи на многу жени, 4Д ЕХО апарати за бремените жени итн.

Учесничките на панелот ги охрабрија жените да се вклучат во политиката. Посочија дека за разлика од 1998 година кога имало пет пратенички во Парламентот, сега се 43, а со измените на Изборниот законик на кандидатските листи треба да бидат 40 проценти.

Валентина Божиновска очекува жените, кои ги нарече „стожер на моќ и знаење“, да бидат позастапени и на локално ниво. Според неа, успешноста на нивната работа во раководењето на државни институции се должи на довербата што во нив, ја има нивниот лидер Груевски.

Таа зборуваше и за жената низ призма на мајчинството и за мерките што во таа насока ги овозможила оваа Влада. Рече дека 16.645 жени ја користат бенефицијата од кампањата за трето дете, ги спомна и мерката за ин витро оплодување, како и законот за сурогат мајчинство кој, според неа, е малку промовиран во јавноста.

Градоначалничката на Градско Жанета Чаушевска истакна дека сите политики на Владата се рефлектираат и на локално ниво.

Како пример ја посочи изградената градинка која направила, како што рече, верижна рекција затоа што многу мајки решиле да се вработат во новоотворените фабрики во регионот,  се пријавиле за субвенциите за самовработување или како регистрирани земјоделци. Подобрените услови за живеење, рече таа, водат до останување на луѓето во малите општини и го спречуваат нивното иселување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.