Панел дискусија: СДСМ не мора да се мачи да пишува проекти за младите, доволно е да продолжи со реализација на она што го почна ВМРО-ДПМНЕ

Буквално во секој проект кој што ги тангира младите доаѓаме на деструктивно однесување од СДСМ, од кадрите на СДСМ, буквално не слушнавме ниту една критика или да се обидат да бидат спречени во тоа од нивната Социјалдемократска младина, кажа Димче Арсовски од УМС на ВМРО-ДПМНЕ на панел дискусијата „Единствени кои инвестираат за младите“.

„Сакам да се надоврзам за еден проект, којшто е важен за студентите од внатрешноста, за изградба на нови студентски домови, ВМРО-ДПМНЕ веќе го обзнани тој проект. Имаме готов проект кој буквално е дојден до финална фаза, односно треба да почне да се реализира. Станува збор за еден капитален проект, на кој навистина треба да му се обрне внимание, не само внимание туку треба да се пристапи со сериозност да се реализира, бидејќи ќе постави едни повисоки стандарди“, изјави Арсовски.

Ги повика СДСМ да не ги прекинат со укинувања, блокади и деструкции, туку да се фатат за работа и да ги искористат проектите кои веќе ги започнале ВМРО-ДПМНЕ, за да се крене уште повеќе младинскиот стандард.

„Веќе поминаа 25 дена, ние не можеме да видиме ниту еден проект освен укинувања, блокади, деструкции. Буквално нема ниту еден проект којшто можеме да го видиме за младите којшто почнал да се реализира. Тоа ме асоцира на една работа, дека тие можеби во нивната програма ставале само паушални пасоси, кои што треба да се претстават пред јавноста и младите, без конкретни рокови. Еве не мора да се мачат да пишуваат ништо, бидејќи веќе се е почнато да се реализира за доброто на младите, веќе имаме мерки кои се влезени во фаза на реализација, дел не можеше да почнат поради кризата во која што не турна СДС. Доколку немаат нивни проекти, слободно може да ги реализираат проектите кои ние ги почнавме да ги реализираат, тоа ќе биде сосема доволно за младинскиот стандард во Република Македонија“, изјави Арсовски.