Паника од ебола на крузер

Крузерот, кој исплови од Тексас на 12 октомври, а властите во Белизе и Мексико не му дадоа дозвола да влезе на нивна територија, поради сомневање дека на него се наоѓа лице заразено од ебола, ќе се врати денеска во пристаништето од каде што исплови, соопштија американските власти.

На бродот се наоѓа вработена во Тексашката презбитеријанска болница во Далас, во која беше лекуван првиот пацеит, кој во САД почина од ебола, Томас Ерик Данкан.

Медицинската сестра, која доброволно се изолирала во својата кабина за да ги заштити останатите патници на крузерот на компанијата „Карнивал Круз Лајнс“, ракувала со примероци од крвта на Данкан, кој почина на 8 октомври.

Американските власти сакаа да ја префрлат жената од бродот на копно за да можат да ја вратат со авион во САД, но властите на Белизе и Мексико одбија да им издадат дозвола за вкотвување на бродот, за да ги заштитат сопствените граѓани од можното ширење на ебола.

Медицинската сестра досега не покажувала никакви симптоми на болеста, иако минале 20 дена откако таа ракувала со примероците од крв, соопшти Белата куќа. Периодот на инкубација на ебола изнесува 21 ден.