Свет

Паника во Анкара: Црното знаме на џихадистите се вее во Кобане!

Паника во Анкара: Црното знаме на џихадистите се вее во Кобане!

Најмалку 14 тенкови на турската војска заземале одбранбени позиции на брдото над Кобане, од каде се слушаат жестоки истрели и гледаат облаци од црн чад.

Џихадистите на Исламската држава во Ирак и Левант денес ги истакнале своите знамиња на една зграда во источниот дел на Кобане, стратешки важен сириски град на границата со Турција, јавуваReuters.

Кобане од септември е центар на жестоки борби меѓу курдските “пешмерга” и џихадистите. На телевизиските снимки направени од соседна Турција сега се гледа како црно знаме се вее од една четирикатна зграда.

Неименуван турски воен службеник изјавил дека тоа е знаме на Исламската држава, која од почетокот на летото заземала големи делови од територијата на Сирија и Ирак и прогласила калифат.

Сириската опсерваторија за човекови права, невладина организација со седиште во Велика Британија, соопштила дека вчера погинале 45 лица во борбите за Кобане – вклучувајќи и една припадничка на курдската заедница, која извршила самоубиствен бомбашки напад и на тој начин убила неколку џихадисти.

Од турската страна на границата има најмалку 14 тенкови на турската војска, кои заземале одбранбени позиции на брдото над Кобане, од каде се слушаат жестоки истрели и гледаат облаци од црн чад.