Македонија

Пападакис: Сумата од 17 милиони евра помош од ЕУ за Македонија и Србија е срамна

Пападакис: Сумата од 17 милиони евра помош од ЕУ за Македонија и Србија е срамна

Да не беше трагично, ќе беше смешно, вака портпаролот на Европската слободна алијанса од Брисел, Јоргос Пападакис, ја коментира сумата од 17 милиони евра што ЕУ им ја додели на Македонија и Србија како помош за справување со бегалците.

Овие држави веќе примија повеќе 200 000 луѓе и што да направат сега со 17 милиони евра ? Овде, во Брисел, за да направат поубави згради за Комисијата и за Советот, даваат по 300-400 милиони на годишно ниво. А што да прават Македонија и Србија со 17 милиони ? Тоа е срамота, вели Пападакис во разговор со дописникот на Нетпрес од Атина.

Фактот што бегалците од земја-членка на ЕУ, Грција, се насочуваат кон Македонија, наместо кон Бугарија која што е исто така членка, за Пападакис претставува неетично однесување од страна на Брисел.

Пологично би било сите тие луѓе кога веќе се во територијата на ЕУ, Грција, да одат потоа понатаму преку Бугарија, Романија и Унгарија да стигнат во Западна Европа преку таа рута. Јас се чудам бидејќи гледам дека сите се обидуваат да ги насочат кон Македонија и Србија, очигледно бидејќи не сакат да ги имаат во земјите членки на ЕУ. Но, тоа е недозволиво, а по страшно е тоа што има гласови во ЕУ кои што бараат одговорност од Македонија и Србија за сето тоа, вели Пападакис.

Грција за истата намена добива 400 милиони евра

Иако шефот на македонската дипломатија Никола Попоски ја повика Унијата да и помогне на Македонија во справувањето со бегалците, третирајќи ја еднакво како и земјите членки, засега ова останува далеку од реалност. За споредба, на Грција за истата намена Брисел и одобри 400 милиони евра, а земјата првично бараше речиси двојно повеќе.

Нетпрес истражуваше како живеат мигрантите и бегалците на улиците на Атина.

Паркот Педион Ареос во центарот на Атина
Паркот Педион Ареос во центарот на Атина

Шаин е мигрант од Ирак. Овде дошол со брод и веќе 5 години живее на улиците во грчката престолнина. Објаснува дека не може да извади документи, ниту пак да најде работа. Вели, поради тоа што нема документи не може да си купи дури ни СИМ картичка за мобилен телефон.

Шаин е мигрант од Ирак
Шаин е мигрант од Ирак

Имам толку многу проблеми.  Немам храна, немам вода, немам каде да се истуширам. Се е проблем. Сакам да одам во друга земја да се обидам да создадам живот, но не можам. Немам пасош, ниту пак пари за билет, вели Шаин.

Шаин последнава година живее во паркот Педион Ареос во центарот на Атина, заедно со уште неколку стотици мигранти и бегалци кои што се сместени во шатори. Нивни „први соседи“ во паркот се бездомниците, зависниците од хероин и сексуалните работници.

Али од Авганистан веќе 7 години живее во Грција.
Али од Авганистан веќе 7 години живее во Грција.

Али од Авганистан веќе 7 години живее во Грција, работи како преведувач и секојдневно доаѓа во овој парк. Вели, ниту едно човечко суштество не може да живее во овие услови.

Нема живот овде, ниеден човек не може да живее овде. Овде нема ниту пари, ниту пак кров на главата, изјави Али.

Според правилата на ЕУ, барателите на азил имаат право на храна, прва помош и користење на прифатен центар. Откако ќе докажат дека бегаат од прогон и дека враќањето во нивните земји може да резултира со повреда или смрт, тогаш би требало да добијат право на азил, а девет месеци потоа и работна дозвола.