Пападопулу: Позицијата на Независни Грци против „Македонија“ не се менува

Независни Грци не отстапуваат од нивната позиција против употребата на терминот „Македонија“ во името на нашата земја. Ова, уште еднаш го повтори Мадалена Пападопулу, портпаролката на помалиот коалициски партнер во грчката Влада, говорејќи за грчката телевизија Скај.

-Ние како Независни Грци не се согласуваме со било кое име што ќе го содржи терминот „Македонија“ или изведени зборови. Тоа е позицијата на Независни Грци изразена уште од првиот ден. Оваа позиција е јасна е и не се менува, рече Пападопулу.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, портпаролката на Независни Грци, рече дека уставните промени и иредентизмот се главните точки во преговорите, додека пак запрашана за тоа дали според неа ќе се постигне договор и ќе стигне во грчкиот Парламент, Пападопулу вели дека не ѝ изгледа дека е лесно за „Скопје да го прифати она што го бара грчката страна“.

-Сите прашања се на маса. Прво и главно е прашањето со иредентизмот и промените на Уставот. Скопје е повикано да види како може да управува со тоа прашање. Велам дека ова е особено тешко да помине кај малцинствата во државата на Скопје. Ставот и позицијата на Независни Грци се јасно формулирани уште од прв момент, во споредба со позициите на другите партии од опозицијата, објасни Пападопулу.

Портпаролката на Независни Грци, објасни дека со изјавата на Алексис Ципрас за Горна Македонија, во одговорот на дописничката на МИА од Брисел, на прес конференцијата во петокот, грчкиот премиер дал еден пример, а не конкретен предлог.