Уште една „Папагал“ зграда се подготвува во Центар

Општина Центар почна со реконструкција на осмата фасада, која се наоѓа кај Сава-Крањ, спроти ТЦ Рамстор, на булеварот Мито Хаџивасилев – Јасмин број 30, пишува весникот „Вечер“.

„Во консултација со станарите од зградата, избрано е богато, колоритно решение кое го задр’ува автентичниот изглед на фасадата. Жителите се задоволни бидејќи, конечно ќе биде заменет долгогодишниот урнисан изглед на фасадата, која е градена во далечните 50-ти години од минатиот век, велат за „Вечер“ од општина Центар.

Оваа активност е дел од проектот за изработка на термички фасади со енергетска ефикасност на станбените објекти на територија на општина Центар. Претходно, беше реконструирана фасадата на станбената зграда на булеварот Св. Климент Охридски наречена „Папагал”, за која имаше силни реакции во јавноста. Кога ја пуштија во употреба, граѓаните на општина Центар останаа зачудени и разочарани од вкусот за архитектонски стилови и дизајн на градоначалникот Андреј Жерновски. Сметаа дека папагал-архитектурата е смешна, недостојна и недолична за нивната општина.

„Папагал” е сеуште мета на потсмев на социјалните мрежи, каде оваа зграда преку поставување на фотографии се споредува со папагал-зградите во Албанија. Истите се така разнобојно исфарбани, речиси идентични со стилот кој Андреј Жерновски сака да го наметне во Центар, пишува весникот.