Папас: Ципрас ќе се сретне со Меркел „кога ќе дојде времето“

Грчкиот премиер Алексис Ципрас има пребукирана работна програма и заради тоа со германскиот канцелар Ангела Меркел ќе се сретне кога „ќе дојде времето“, изјави денеска за телевизијата „Мега“ државниот министер Никос Папас, кој во новата Влада е одговорен за врски  со медиумите, пренесе МИА.

На прашањето дали се планира средба меѓу премиерот Ципрас и канцеларот на Германија, Папас одговори дека тоа „ќе се случи кога ќе дојде време“.

-Ципрас во моментов има многу обемна програма за претстојните средби со шефот на италијанската Влада, Матео Ренци, и со претседателот на Франција, Франсоа Оланд, како и со дел пратеници во грчкиот Парламент, рече државниот министер.

Во следните неколку дена грќкиот Парламент ќе се собере и ќе треба   да гласа за нов претседател на земјата.

Неуспехот на Парламентот да избере нов шеф на државата на крајот на минатата година доведе до предвремени парламентарни избори на 25 јануари, кои беа освоени од левичарската радикална партија СИРИЗА на Алексис Ципрас.

Во врска со претстојните преговори на Грција со меѓународните кредитори државниот министер Никос Папас изјави дека тие ќе се водат на многу нивоа и ќе одземат многу време.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.