Папата Франциско против смртната казна

Ништо не може да ја оправда примената на смртната казна и не постои „вистински“ начин хумано да се убие друго лице, изјави дененска поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциско.

Во писмото упатено до Меѓународната комисија против смртната казна, која ја сочинуваат поранешни владини функционери и правни лица, папата Франциско нагласи дека католичката црква остро се противи на капиталното казнување и дека принципот на легитимна лична одбрана не е соодветно оправдување за извршување на егзекуцијата.

– Кога смртната казна се применува, тоа не е заради сегашниот чин на агресија, туку повеќе е заради нешто сторено во минатото. Денеска смртната казна е неприфатлива, без разлика на тоа колку е сериозно стореното злосторство, истакна папата.

Папата Франциско додаде и дека модерните затворски системи смртната казна ја направија непотребна, пренесуваат американските медиуми.

-Од аспект на владеењето на законот смртната казна е погрешна, бидејќи ја задолжува државата да убие во име на правдата, порача поглаварот на Римокатоличката црква.