Папата Франциско во посета на Шри Ланка

Папата Франциско денеска пристигна во посета на Шри Ланка, првата етапа од неговата шестдневна турнеја низ Азија.

Во своето обраќање веднаш по пристигнувањето, папата се заложи за почитување на човековите права и за забрзување на процесот за помирување, солидарност и траен мир.

– Не е значајно само да се обнови инфраструктурата во земјата, туку многу е поважно да се промовира човековото достоинство, заедно со почитувањето на правата на луѓето и со целосното интегрирање на секој поединец во општеството, рече папата Франциско во обраќањето на аеродромот во шриланканскиот главен град.

Поглаварот на католиците утре ќе одржи голема миса на отворено на која се очекува да присуствиваат околу еден милион луѓе.

Ова е прва посета на еден папа на Шри Ланка по завршувањето на 26-годишната граѓанска војна во 2009 година и поразот на бунтовничките сили на малцинските Тамилци

Папата Франциско на аеродромот во Коломбо го пречека новозибраниот претседател Маитрипала Сирисена. Тој уште во текот на предизборната кампања вети дека ќе престане растечката репресија што се врши врз религионзите малцинства во земјата.

Шри Ланка е мултирелигозно општество, но само седум отсто од населението се христијани и најчесто католици. Далеку најбројни се припадниците на будистичката религија, дури 70 отсто. Во оваа островска земја, десет отсто од населението се муслимани, а 13 проценти се припадници на хинду религијата.

Последниве десетина години, расте „национализмот“ на будистичкото население и неговата нетрпеливост кон локалните муслимани, но засега главнината на тензиите остануваат меѓу мнозинските Синхалези и малцинските Тамилци, што е последица на се уште не до крај залечените последици од долгата граѓанска војна.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.