Свет

Папата Франциско во посета на Турција

Папата Франциско во посета на Турција

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско денеска пристигнува во Анкара, со што ја почнува тридневната посета на Турција.

Во рамки на посетата папата ќе ги продолжи напорите за помирување со православието, ќе го отпочне дијалогот со исламот и ќе им даде надеж на христијанските малцинства на Блискиот Исток, чии животи се во опасност.

Зацврстувањето на врските со Православната црква, која се отцепи од Рим со шизмата од 1054 година се очекува да биде главниот фокус на посетата, која ќе трае до 30 ноември, а во рамките на која папата ќе го посети и Истанбул.

Во Анкара верскиот лидер на католиците ќе разговара денеска во претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и со премиер Ахмет Давутоглу. Во Анкара се воведени строги мерки за безбедност, околу илјада полицајци се очекува да бидат распоредени по улиците, по кои е планирано да се движи папата.

Во Истанбул папата ќе пристигне утре. Тој ќе ја посети црквата „Света Софија“, џамијата Султан Ахмет и познатата Сина џамија и ќе отслужи миса во католичката катедрала во Истанбул.

Папата в недела ќе му се приклучи на Вселенскиот патријарх Вартоломеј во одбележувањето на 30 ноември, празникот на Свети Андреј, светец во правславното христијанство.

Турција е шестото патување во странство на папата, по Бразил, Светите земји, Јужна Кореја, Албанија и Стразбур во Франција. Тој планира во јануари да ги посети Шри Ланка и Филипините.