Папата Фрањо повика на солидарност и тимска работа за време на Мундијалот

Папата Фрањо по повод почетокот на Светското фудбалско првенство во Бразил, рече дека натпреварите треба да бидат пример за тимска работа и солидарност, а не егзибиционизам, расизам и алчност.

Папата, кој е од аргентинско потекло, испрати видео порака која ќе биде емитувана на бразилската државна телевизија за време на првиот натпревар во Сао Паоло.

Поглаварот на католичката црква рече дека фудбалот носи три лекции кои промовираат мир и солидарност, потреба за тренирање и макотрпна работа за да се остварат целите, значењето на чесни игри и тимска работа, како и потребата да се почитува противникот и да му се покаже чест, пренесува АП.

„За да се дојде до победа, мора да се премине преку индивидуализам, себичност, сите облици на расизам, нетолеранција и манипулација со луѓето“, вели папата.

Тој додаде дека алчноста во фудбалот е иста препрека како во животот.

„Никој нека не му врти грб на општеството и нека не се чувствува како да е исклучен од него. Не за сегрегазацијата, не за расизмот“, порача папата.