Папата порача црквата да не падне во „духовен Алцхајмер“

Папата Франциско на вчерашната средба со свештениците и бискупите на Еквадор, прва земја на неговата јужноамериканска турнеја, истакна дека Црквата не треба да падне во „духовен Алцхајмер“ така што ќе ги заборави своите скромни почетоци.

Папата, пред илјадници верници и црквени претставници собрани во светилиштето на староседелците, Девица од Елкуничеа, 30 километри од Кито, побара црквата да излезе од сопствената удобност и „да се осмели да тргне кон периферијата“.

– Немојте да се заразите со духовен Алцхајмер, немојте да го загубите сеќавањето… Свештеникот напредувајќи во кариерата почнува да го губи памтењето и се чувствува важен, заборавајќи дека должност му е да им служи на сиромашните, посочи папата Франциско.

Папата вчера попладне замина од Еквадор и ја продолжи турнејата во Боливија.