Парада по повод Денот на победата во Москва

Рускиот претседател Владимир Путин во салата со грбовите во Кремљ ги прими странските лидери кои дојдоа во Москва за чествување на 70-годишнината од победата над нацистичка Германија и сите заедно се упатија кон Црвениот плоштад, за да ги заземат местата на централната трибуна за Парадата на победата, пренесе ТАСС.

Во Москва пристигнаа околу 30 лидери на странски држави и меѓународни организации.

На Црвениот плоштад Путин ќе оддржи говор пред гостите и околу 2.300 ветерани од војните и со минута молчење ќе им оддаде почит на загинатите во Великата татковинска војна.

Прославата на Денот на победата беше подготвувана со месеци во сенка на украинската криза и одлуката на голем број западни лидери да не присуствуваат на парадата, но според најавите од Кремљ, Москва и граѓаните на Русија се подготвени да го прослават празникот и да ги дочекаат гостите, пренесе Танјуг.

Меѓу гостите на парадата во Москва ќе бидат шефовите на државите од ЗНД, Азија, лидерите на членките на БРИКС, вклучувајќи го и кинескиот претседател Кси Џинпинг, претседателите на балканските земји, Кипар, генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, а учеството го најави и грчкиот премиер Алексис Ципрас, а кубанскиот претседател Раул Кастро прв од поканетите светски лидери допатува во посета на Русија, уште во вторникот.

На денешната парада учествуваат повеќе од 140 борбени авиони и хеликоптери, а не сметајќи ја пробата, првпат ќе бидат прикажани и борбените авиони од четвртата „плус плус“ генерација, „Су-30“ и „Су-35“, како и модернизираните јуришни хеликоптери „Ми-35М“ и школскиот „Ансат-У“.

Традиционално на парадата учествуваат и акробатските групи „Руски витези“ и „Стрижи“, кои, како што се очекува, ќе го прикажат „кубанскиот дијамант”, формација од девет борбени авиони „Су-27“ и „Миг-29“.

Како една од главните атракции Русија ќе го прикаже и тенкот од новата генерација „Армата Т-14“, а производителот на огнено оружје „Калашњиков“ ќе ја претстави модерниираната верзија на јуришната пушка „АК-74М“, за која тврди дека ќе биде 50 отсто попрецизна во однос на постарата верзија