Парадата на гордоста во Подгорица обезбедувана од 1.800 полицајци

Илјада и осумстотини припадници на црногорската полиција ја обезбедуваат Парадата на гордоста која се одржува на улиците на Подгорица.

Учесниците ќе минат маршура долга 1.400 метри. Тргнаа од пред хотелот Црна Гора, а маршот ќе го завршат пред зградата на владата.

Како што пренесуваат црногорските медиуми, парадата поминала без инциденти.

-Задоволство ми е што парадата помина во најдобар ред. Им се заблагодаруваме на организаторите, учесниците и на сите кои допринесоа за тоа – кажал министерот за човекови и малцински права Суад Нумановиќ.

Тој нагласил дека прашањето за ЛГБТ заедницата треба да се третира како прашање за почитување на човековите права.

-Потребен е квалитетен дијалог за да се решат сите недоразбирања, да се придонесе во развојот на демократијата и да се создаде општество на толеранција. Сигурен сум дека ќе успееме – рекол министерот.

Според весникот Побједа, во парадата учествувале околу 100 луѓе.