Балкан

Парализирана Грција: 24-часовен генерален штрајк

Парализирана Грција: 24-часовен генерален штрајк

Државниот и приватниот сектор во Грција денеска се целосно парализирани поради 24-часовниот штрајк, свикан од двата владини синдикати во земјата под паролата „Реагираме на секоја мерка од кредитниот договор, што го потценува нашиот живот“.

Транспортот и услугите во земјата се целосно блокирани, а нема да се движат ниту возовите, автобусите и авионите.

Училиштата исто така се затворени, додека пак државните болници ќе примаат само итни случаи. Во протестот ќе се вклучат и лекари и адвокати, а исто така тој ќе биде поддржан и од трговци и претприемачи.

Синдикатот ПАМЕ, близок до Комунистичката партија, за денеска планира протестен митинг во центарот на Атина.

Грчките државни телевизии и радио станици вчера не емитуваа вести поради 24-часовниот штрајк на сите средства за масовни медиуми против политиките на Владата. Новинарските синдикати вообичаено го одржуваат штрајкот еден ден порано, за да може репортерите да известуваат за генералниот штрајк.

Грција зависи од милијарди евра во меѓународните спасувачки планови од 2010 година. Во замена за тоа неколку влади по ред требаше да наложат големи кастрења на расходите и зголемување на даноците во обид да се реформира економијата.