Пари во буџетот има, продолжуваат инфраструктурните проекти

Продолжуваат да се реализираат капиталните инфраструктурни проект, со полна пареа се градат автопатските делници, железницата, проецесот на гасификација.

Министерството за финансии внимателно ја прекрои државната каса. Со предложениот ребаланс на буџетот не се дозволи кратење во делот на социјалните трансфери, а се внимаваше и да продолжи реализацијата на инфраструктурните проекти. Има пари за плати, пензии, социјална и постојана парична помош, а и капиталните расходи остануваат на високо ниво, пишува Лидер.

Со ребалансот не се загрозени платите, пензиите и социјалните трансфери, а кај капиталните расходи има извесно намалување, но тие остануваат на високо ниво и се поголеми за 3,8 милијарди во однос истиот период лани. Со ребалансот не се напушта ниту еден првично проектиран проект. Она што се прави е промена на динамиката на трошење на средствата, согласно објективните услови и согласно расположливите средства кои ги имаме во буџетот, вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

Капиталните проекти ја движат економијата

На историски највисоко ниво остануваат капиталните инвестиции. Во 2016-та за инфраструктурни проекти ќе инвестирааат 568 милиони евра. Ова е за 3.6 пати повеќе од 2006-та година. Приоритет имаат автопатските делници кои се градат со полна пареа, железницата, процесот на гасификација.

Сите оние планови кои се зацртани од страна на институциите за реализирање на овие капитални проекти треба да продолжат и во иднина, независно дали се работи за патната или железничката инфраструктура, затоа што од нив во голема мера зависи и економското делување на компаните во следниот период, објаснува Билјана Пеева – Ѓуриќ од Стопанската комора на Македонија.

Бизнисот може да здивне, со ребалансот државата ќе има пари за континуирано сервисирање на своите обврски.

Главните кратења се трошоците за стоки и услуги. Сите проекти ќе продолжат да се реализираат, уверува министерот Миноски.

Кои се клучните проекти?

Приоритет за реализација остануваат автопатиштата и железничките линии. За делницата Демир Капија – Смоквица и за процесот на гасификација со ребалансот се предвидени дури и повеќе средства.

Во делот на гасоводот: трасата Клечовце – Неготино е завршена, се подготвува Штип – Неготино, а ќе стартува изградбата на уште две делници: Неготино – Битола и Скопје – Тетово –Гостивар.

Во делот на автопатиштата, делницата од Демир Капија до Смоквица, проект вреден 210 милиони евра, треба да биде готова до почетокот на 2017-та. Се работи за целосно нов автопат во должина од 28,2 километра.

Новиот автопат Кичево – Охрид треба да биде готов до 2018-та година, а годинава треба да бидат завршени половина од предвидените градежни работи. На терен се 1.200 работници и над 550 градежни машини.

Градежните работи на автопатот се одвиваат според предвидената динамика, вели директорот на ЈП за државни патишта, Александар Стојановски.

Интензивно се работи на неколку локации истовремено, со цел да се испочитуваат одредбите од договорот за изградба. Очекувам дека до крајот на оваа година ќе бидат завршени половина од градежните работи,  вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Автопатот „Мајка Тереза“ е во должина од 57 километри. Инвестицијата е вредна 374 милиони евра.

Автопатот Миладиновци – Штип во должина од 47 километри треба да биде готов в година. Трасата е речиси целосно пробиена, почнато е асфалтирањето. Оваа инвестиција е вредна 206 милиони евра.

Ова е историски важен момент за државата и за развојот на нејзината економија зашто првпат паралелно се работи на вкупно 165 километри делници, дел се во градба, а дел се реконструираат, што е инвестиција вредна 800 милиони евра. Ангажирани се околу 2.500 луѓе и тоа е сериозен поттик за македонското градежништво, како и за останатите поврзани стопански гранки, вели премиерот за спроведување на изборите, Емил Димитриев.

Продолжува изградбата и на железничките пруги. Се работи на првата делница од пругата кон Бугарија, а објавен е тендерот за втората фаза. До крајот на годинава треба да се избере изведувачот и да се почне со работа на втората делница.

Ако сè оди по планот, за четири години е предвидено да завршат сите градежни работи на пругата кон Бугарија, и во 2020 година Скопје и Софија да се поврзат и по железнички пат, вели директорот на ЈП Македонски железници – инфраструктура, Ирфан Асани.

Железничка пруга ќе се гради и кон Албанија, а во моментов се работи на проектирањето на трасата во должина од 63 километри.

Во завршна  фаза е и изградбата на новата пруга Битола – Кременица – грчка граница, проект на Европската унија вреден 20 милиони евра. Ова поврзување ќе биде од огромна корист за бизнисот.

Доколку во моментов, превоз на еден контејнер од Битола до Солунското пристаниште значи 800 или 900 евра трошок за секоја компанија, со оваа можност сигурно таа цена би се преполовила,  директор на индустриската зона „Жабени“, Сашо Илковски.

Со ребалансот, пари има и за здравството, образованието, изградбата на водоводи, канализации и друга инфраструктура.

Каква е државната каса?

Предложениот ребаланс е пратен во Собранието, а потребата се должи на промена на проекцијата за растот на БДП од првично предвидените 4 на 2,3 проценти. На приходната страна има намалување за 3 милијарди денари, а на расходната страна за 804 милиони денари. Со ребалансот, дефицитот се очекува да изнесува 3,6 проценти од БДП.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.