Парискиот колеж може да се случи и на Балканот

Нападот каков што се случи во редакцијата на „Шарл Ебдо“ или слични такви може да се случат и на Балканот, па безбедносните служби во регионов мора да се подготват за предизвикот, велат експерти за весникот „Дневник“.

Воениот аналитичар од Загреб, Игор Табак, смета дека станува збор за терористички акт изведен од поединци, а не од организирана група.

– Имаме професионално изведен напад, разорен ефект на мал број напаѓачи, пукање од рамо, без нишанење и групирање на куршумите по полициските возила. Тоа укажува дека тие луѓе добро знаат да се служат со „калашникови“, оружје кое е популарно на сите боишта каде што се присутни исламистите. Но, следува релативно аматерско бегство со големи пропусти и предизвикани сообраќајки кои им овозможија на властите брзо да ги идентификуваат – изјави Табак за „Дневник“.

Според него, тоа јасно укажува дека во подготовката на нападот не учествувала поголема група или некоја посериозна организација.

– Сепак, без дилеми, станува збор за напад на целокупната слобода на мислење, а не само за некаков радикален одговор на провокативна карикатура. Ваквите напади се реални и можни и на Балканот бидејќи во поширокиот регион сигурно има луѓе што се подготвени да пролеат крв без многу размислување – вели Табак.

Слично размислува и Зоран Драгишиќ, професор на Факултетот за безбедност во Белград, според кого нападот во „Шарл Ебдо“ е француски 11 септември.

– Најверојатно, станува збор за ќелија на Ал каеда и за лица што поминале воена обука надвор од Франција. На тоа укажува фактот дека користеле „калашникови“, кои не се дел од вооружувањето на француските полициски и воени сили. Нападот е изведен смело, но убијците мора да имале и помош од внатре оти знаеле кога да нападнат и кого да бараат во редакцијата. Сепак, терористите, најверојатно, ги потцениле француските власти, кои со помош на современа технологија успеале да ги идентификуваат. Но првин треба да се потврди дека навистина станува збор за лицата за кои властите тврдат дека се- изјави Драгишиќ за „Дневник“.Тој смета дека голем пропуст на безбедносните служби е тоа што припадниците на терористичките групи и лицата што престојувале во Сирија и други држави не биле следени адекватно.

– Еден од осомничените бил осудуван за учество во мрежа која испраќала џихадисти од Франција во Ирак. Да бил под соодветен надзор службите би имале информации дека се подготвува напад. Се надевам дека француските власти брзо ќе ги фатат напаѓачите за на тој начин да дејствуваат демотивирачки за останатите кои имаат такви намери – вели професорот.

Тој смета дека нападот јасно покажува што може да очекуваме од големиот број граѓани на Европа кои војуваат во Сирија и на други боишта.

– Сепак, ваквите напади во иднина се пореални за државите од Западна Европа отколку на Балканот. Во земјите од поранешна Југославија имаме автохтона муслиманска заедница за разлика од Франција или Британија, на пример. Овие држави се побогати и поразвиени, па самото влијание од нападите таму би било поголемо отколку во некоја од земјите од регионот. факт е дека балканските земји се вбројуваат како дел од глобалниот исламски калифат, но сепак тие се уште повеќе се база на џихадисти отколку нивна цел- смета Драгишиќ.

Toj за „Дневник“ тврди дека сепак овие терористички групи сепак се присутни во регионот преку организираниот криминал.