Парите на Карлос Слим ќе го “воскреснуваат” Милан

Според најавите на италијанскиот весник “Република”, калчолигашот Милан од идната сезона би можел да да добие нов сопственик. Весникот тврди дека мексиканскиот мултимилијардер Карлос Слим е подготвен да купи дел од акциите на клубот од “Сан сиро”. Карлос Слим е вториот најбогат човек во светот според “Форбс”, а од 2010 до 2014 година го држеше првото место на оваа ексклузивна листа, пред оваа година повторно да му го препушти приматот на Бил Гејтс.

Богатството на Карлос Слим се проценува на околу 77 милијарди евра, а неговото евентуално влегување во раководството на Милан сигурно значително би ја зголемило финансиската моќ на клубот.

Италијанските медиуми истакнуваат дека Силвио Берлускони идната година, во февруари, ќе прослави 30 години на чело на Милан, а дотогаш е нереално да се случи комплетна промена на сопственичката структура на клубот. Сепак, Карлос Слим би можел да откупи најмалку 30% од акциите, исто како што во моментов има во мексиканските клубови Пачука и Леон. Тој е исто така спонзор и на италијанскиот Ф1 тим, Ферари.