Парите на туристите може да влезат, камионите нека чекаат

Редица од десетици македонски камиони паркирани еден до друг. Возачите со ширум отворени врати и прозорци чекаат да дувне за да се оладат од топлото време. Други ѕиркаат затскриени во малата сенка што врз патот ја фрлаа товарните возила. Трети се досетија на бришачите да ги спружат маиците да се сушат на жешкото сонце.

Ова беше сликата што екипата на „Дневник“ ја затекна вчера на граничниот премин Меџитлија кај Битола додека траеше штрајкот од другата страна на границата, на грчките цариници. На горештина од над триесет степени македонски и други камионџии со часови чекаа службите на грчкиот премин „Ники“ да ја дигнат рампата за влез. Нестрпливост и нервоза на лицата на превозниците, на кои товарот што го пренесуваа изгледа им беше полесен од неизвесноста дали ќе поминат или ќе преноќат тука.

И, за жал, ова не им е прв пат, туку последните години често не се крева рампата на граничните премини со Грција, најчесто поради штрајкови кај нашиот јужен сосед. Македонските фирми трпат огромни загуби поради грчките блокади на границата, а Грција ги „правда” со легитимното право на граѓаните да протестираат. Но, факт е дека нашиот јужен сосед не прави ништо за да ја намали штетата, иако има меѓународна обврска да обезбеди слободен проток на стока и луѓе меѓу двете земји.

Инаку, сообраќајот за тешки моторни возила вчера беше во прекин на граничните премини „Меџитлија“, „Богородица“ и „Дојран“, од грчка страна, поради штрајк на тамошните цариници. А лути на спуштените гранични рампи се и Албанците, Турците и Бугарите.

Целиот текст прочитајте го тука.