Парите од граѓаните за огревни дрва ги ставал во џеб

Седумдесет и седумгодишниот Д.М. од Кочани доби кривична пријава поради сомнение дека сторил кривично дело „проневера во служба“ и продолжено кривично дело „фалсификување или уништување деловни книги“.

Во периодот од јануари до март 2015 година, пријавениот во својство на благајник во Здружението на инвалиди на трудот и корисници на инвалидска пензија во Кочани, примил и противправно присвоил парични средства од лица за рати за огревни дрва во износ од 1.366.700 денари, иако Здружението нема склучено договор за набавка на огревни дрва. На 31. Март оваа година, по извршена контрола од страна на полицијата во Здружението, пријавениот вратил 1.242.000 денари уплатувајќи ги на сметка на Здружението, додека 124.700 денари ги присвоил за себе.

Покрај ова, во 2013 и 2014 година без овластување склучил договор за купопродажба на огревно дрво за потребите на членовите на Здружението со фирми од Куманово и Скопје, а упатниците за извршена уплата од членовите на Здружението за огрев на дрва за 2013 и 2014 година ги уништил иако бил должен да ги чува.