Парите од иселениците поголеми од странските инвестиции

Земјите од поранешна Југославија, вклучувајќи ја и Македонија, се вбројуваат меѓу поголемите приматели на имигрантски пари од нордиските земји, пренесува „Утрински“

Парите што имигрантите во нордиските земји ги испраќаат во своите татковини имаат големо значење за економијата на државите приматели. Ова го покажала нова студија, која била изработена при шведскиот Универзитет во Гетеборг.

Земји од подрачјето на поранешна Југославија, вклучувајќи ја и Македонија, се вбројуваат меѓу поголемите приматели на имигрантски пари од нордиските земји, како што се Шведска, Норвешка, Данска и Финска.

Според студијата, во некои од земјите приходите од приливот на имигрантски дознаки се поголеми и од странската помош, и од странските инвестиции.

Како што јавува дописникот на МИА од Гетеборг, во истражувањето се обработуваат позитивните ефекти врз домаќинствата во земјите приматели на иселенички пари.

„Предмет на моите студии беше како овие приватни трансфери влијаат врз субјективното доживување на семејната економија во домаќинствата во татковината на имигрантите“, изјави Лиса Андерсон, доктор по политичка економија при Универзитетот во Гетеборг.

Главен заклучок од истражувањата е дека тие што се приматели на имигрантски пари сметаат дека имаат повеќе пари од граѓаните кои не се приматели на пари од странство. Тие, исто така, веруваат дека тоа влијае позитивно на економската ситуација во земјата.

Инаку, најголем прилив на пари од иселениците од нордиските земји имаат Полска, Филипини, Тајланд и Пакистан.

Според проценките на Светската банка од октомври минатата година, се очекувало мигрантите во глобални рамки да испратат 550 милијарди долари во своите земји во текот на 2013 година.

Во 2016 година се очекува вкупниот износ на имигрантските пари да се зголеми на околу 700 милијарди долари, од кои поголемиот дел завршува во земјите во развој, пишува шведскиот весник „Гетеборг-постен“.