Париз го поздрави Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија

Франција го поздрави Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија со оценка дека ќе овозможи двете земји да ги продлабочат дијалогот и соработка и ќе придонесе за зајакнување на стабилноста во регионот на Балканот.

– Франција го поздравува потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што премиерите на Поранешната Југословенска Република Македонија (ПЈРМ) и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов го потпишаа во вторник, 1 август. Таа се надева дека овој договор ќе овозможи Скопје и Софија да ги продлабочат својот дијалог и соработка, особено на политички, економски и културен план и дека ќе придонесе за зајакнување на стабилноста во регионот на Балканот, се наведува во соопштението на француското Министерство за Европа и надворешни работи.

Франција, се додава, потсетува дека добрососедските односи и регионалната соработка се основните елементи од процесот на европско приближување.

– Тие придонесуваат за просперитет, стабилност, помирување и за создавање погодна клима за решавање на билатералните спорови и проблеми наследени од минатото, стои во соопштението на француското Министерство за Европа и надворешни работи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.