Париз и Ријад подготвени да учествуваат во напад врз Сирија, одлуката за неколку дена

Францускиот претседател Франсоа Макрон изјави во вторникот дека одлуката за можните воздушни удари врз наводните сириски хемиски постројки ќе ја донесе следните неколку дена, а саудискиот принц Мохамед бин Салман изјави дека во воената операција против владата на претседателот Башар ал-Асад би можела да учествува и неговата земја којашто изминатите седум години воено и логистички ги поддржуваше сунитските бунтовници, а официјален Дамаск ја обвинува дека преку нејзините тајни служби ја испровоцирала сириската граѓанска војна во март 2011 година.

„Третиот елемент е линијата којашто не смее да се прејде и која ја одредува Франција. Таа ‘црвена линија’, којашто ја споделуваат и другите сили, нема никакви врски со расправите кои се водат во Советот за безбедност при ОН“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон на заедничката прес-конференција со саудискиот принц Мухамед бин Салман кој престојува во повеќедневна посета на Париз.

„Во тој контекст, продолжуваме да разменуваме технички и стратешки информации со нашите партнери, особено со Велика Британија и Америка, па во следните неколку дена ќе ја објавиме одлуката“, додаде Макрон.

Доколку дојде до воздушни удари, продолжи францускиот претседател, тие нема да бидат насочени на сојузниците на сириската влада или некој одреден, туку на хемиските постројки на сириската влада.

Принцот бин Салман рече дека и Саудиска Арабија би можела да учествува во воената операција во Сирија поради наводниот и сѐ уште непотврден хемиски напад во градот Дума, во областа Источна Гута, каде што беше последното упориште на исламистичката групација Џаиш ал-Ислам во близина на покраината на сириската престолнина Дамаск, којашто се подели на оние кои го прифатија владиниот предлог да се извлечат кон северните покраини и оние кои одбија тоа да го прифатат.

„Доколку нашето сојузништво со нашите партнери тоа го бара, ќе учествуваме во тоа“, рече принцот бин Салман.

Претходно министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, Абдел ал-Џубеир, изјави дека ставот на Ријад е дека „одговорните за нападот мора да ја платат сметката“ и дека „мора да бидат изведени пред правдата“.

Макрон во вторникот, исто така, застана во одбрана на продажбата на оружје на коалицијата на сунитските земји којашто ја предводи Саудиска Арабија којашто воено дејствува против побунетите шиити и поранешни сунитски војници во Јемен во кои најголеми жртви се цивилите, иако изрази загриженост поради хуманитарната ситуација предизвикана токму поради интервенцијата на коалицијата, и вети дека пред летото ќе организира конференција по тоа прашање.

„До летото ќе одржиме заедничка конференција за Јемен за да разјасниме што се прави и што треба да се направи“, рече Макрон, додека принцот Салман изјави дека коалицијата „прави сѐ за да избегне цивилни жртви“. Призна, меѓутоа, дека „грешките во вооружените судири се неизбежни“.

Франција и Саудиска Арабија потпишаа договори во износ од 18 милијарди долари. Во текот на тридневната посета на Салман на Париз склучени се 19 договори меѓу француските и саудиските компании. Двете страни потпишале договори во повеќе области, од петрохемијата, прочистување на водата, туризмот, културата, здравството и земјоделието, соопшти француско-саудискиот форум на кој присуствувале челници на компании и на двете влади.

Најзначаен е договорот за петрохемискиот проект меѓу француски „Total“ и саудиската компанија „Aramco“. Инвестицијата од 5 милијарди долари ќе овозможи градење постројки во Џубаил, каде што француската компанија веќе ја има најголемата рафинерија во светот.

Компаниите „Suez“, „Veoila“, „Schneider Electric“, „Safra“, „Orange“ и „JCDecaux“ се во „клубот на избраните“, а француско-саудискиот инвестициски фонд „Five Capital“ ги најави своите први две инвестиции со компаниите „Webedia“ и „Suez“.

Посетата на принцот бин Салман е обид да се привлечат странски вложувања од Западот во саудиската монархија. Принцот неодамна објави пакет реформи по назив „Визија 2030“ со кој сака да ја либерализира и модернизира економијата на својата земја, којашто сѐ уште е исклучиво зависна од нафтата.