Парк „Македонија“ се уредува со фитнес справи, детски реквизити, летниковци

Трим патека со фитнес справи за вежбање, детски реквизити направени од дрво, како и летниковци кои ќе им овозможат уживање на граѓаните, се само дел од содржините кои ќе бидат составен дел од вториот дел на Паркот „Македонија“, покрај булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“.

Уредувањето на паркот со површина од околу 30.000 метри квадратни започна денеска, а градоначалникот Коце Трајановски информираше дека паркот ќе биде комплетно готов во септември месец.

На терен ќе работат екипите на јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Улици и патишта“, а за реализација на овој проект, Град Скопје од својот буџет одвои околу 15 милиони денари.