Балкан

Парламентот ја потврди владата на Косово, Харадинај се обврза на дијалог со Србија

Парламентот ја потврди владата на Косово, Харадинај се обврза на дијалог со Србија

Поранешниот командант на бунтовничката Ослободителна војска на Косово (ОВК – УЧК), Рамуш Харадинај, беше избран во саботата вечерта за премиер на Косово и во говорот во парламентот се обврза дека ќе го одржува дијалогот со Србија која сѐ уште го бара под обвинение за воени злосторства, како и дека ќе ѝ стави крај на ендемската корупција.

Косовскиот претседател Хашим Тачи во четвртокот му го додели мандатот за составување влада на својот поранешен соборец од судирите со српските сили во 1998/1999 година и подоцнежен политички ривал Рамуш Харадинај, со кој заедно настапија на последните парламентарни избори во рамките на ткн „воена коалиција“. Со тоа се заврши тримесечната политичка криза на Косово која траеше од парламентарните избори на 11-ти јуни, откако Харадинај обезбеди парламентарно мнозинство со придружување на партијата Алијанса за Косово на контроверзниот косовско-швајцарски милијардер Беџет Пацоли.

„Нема алтернатива на дијалогот со Србија“, порача Харадинај во косовскиот парламент кој го потврди за премиер со тенкото мнозинство од 61 глас од 120-те пратеници. И покрај „трагичната историја не можеме да го промениме фактот дека сме соседи“, додаде новиот косовски премиер.

Харадинај притоа истакна дека неговата влада ќе се бори против корупцијата којашто ги брка инвеститорите откако Косово еднострано ја прогласи независноста од Србија во 2008 година. „Имаме ендемска корупција во сите институции“, порача пред гласањето на неговиот владин кабинет во парламентот во кој неговата коалиција ќе има слабо мнозинство.

Официјален Белград претходно во саботата им даде поддршка на десетте српски пратеници кои ја поддржаа владата на Харадинај во замена за три министерски места и шест помошници министри. Меѓутоа, опозициските пратеници го критикуваа Харадинај поради потпирањето на српските пратеници за кои тврдат дека ќе бараат дозвола од Белград за секоја одлука.

„Не е добро што по сиве овие години од создавањето на косовските институции тие во целост се во рацете на Белград. Ова е катастрофален кабинет“, смета Авдула Хоти од опозициската Демократска лига за Косово (LDK).

Владата беше избрана без расправа на пратениците. Од протест затоа што на гласање се мина без дебата, пратениците на Демократскиот сојуз ја Косово на поранешниот премиер Иса Мустафа и движењето Самоопределување ја напуштија седницата, а министрите веднаш потоа ја положија свечената обврска.

За министер за финансии Харадинај го избра гувернерот на централната банка Беди Хамза, а за министер за надворешни работи Беџет Пацоло, кого медиумите го нарекуваат најбогатиот косовар. Пацоли, кој поседува и швајцарско државјанство, од руската влада во времето на претседателот Борис Елцин во доцните 1990-те доби голем број договори за обновување на државните објекти во Москва, вклучително и Кремљ за суми изразени во милијарди американски долари. Но потоа со заминувањето на Елцин од власт наскоро ги затвори своите претставништва низ Русија и брзо ги пресели бизнисите во Казахстан. Исто така, се смета дека има добри врски и со српски бизнисмени блиски на поранешните политички елити.

Новата косовска влада ја очекува проблемот со невработеноста која изнесува 30 отсто, подобрување на односите со соседите, особено со Србија, што е услов за двете држави да продолжат со преговорите за придружување на Европската унија.

Новата влада, исто така, ќе мора да го реформира здравството, образованието и даночниот систем и да ги вклучи во општеството преостанатите 120.000 косовски Срби. За министерството за враќање, кое е едно од трите кое ѝ припадна на Српската листа,клучно прашање ќе биде како да се избори за одржливи враќање на Србите на напуштените имот на Косово. Министерството за локална самоуправа треба да ја има клучната улога во формирањето на Заедницата на српските општини, што е дел од Бриселскиот договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина од април 2013 година, а за што властите во Приштина веќе долго даваат отпор.