Интервјуа

Парнарџиева-Змејкова: Стимулациите за лекарите ќе го подобрат здравствениот систем

Парнарџиева-Змејкова: Стимулациите за лекарите ќе го подобрат здравствениот систем

Во неодамна промовираната Стратегија за работата на Фондот за здравство, дел од промените се однесуваат и на намалување на цената на лековите, активности насочени кон зголемување на свеста на граѓаните за здравјето и за здравиот начин на исхрана, придобивките од електронската здравствена картичка. За овие неколку прашања говори директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнарџиева-Змјекова во вториот дел од интервјуто за Нетпрес.

Нетптрес: Во следните две години целта на Фондот е да има во 100 отсто од генериката барем еден лек без доплата. Моментната состојба е 73 отсто од лековите по генерика кои се издаваат на рецепт во аптреки сега се без доплата. Што ќе значи оваа мерка за пациентите?

Парнарџиева-Змејкова: Минативе четири години, со воведување на методологија за референтните цени на лекови и преку директно преговарање со фармацевтските компании, Фондот за осигурениците успеа да обезбеди наместо дотогашните 20 отсто лекови без доплата, таа бројка денеска да изнесува 73 отсто на лекови по генерика без доплата.Во следните две години цел на Фондот е 100 отсто од генериките на лекови на Позитивна листа да бидат без доплата. Поедноставно кажано, за секоја генерика (состав/формула на лек) да има минимум еден лек без доплата. За осигурениците на Фондот се достапни 1020 лекови со различни заштитени имиња од различни производители, кои можат да се подигнат на рецепт на товар на ФЗОМ во аптеките согласно прописите. Вкупниот број на лекови со референтна цена достигна 1672 лекови.

Нетпрес: Кое е вашето мислење во однос на квалитетот на евтините лекови наспроти поскапите за кои пациентите тврдат дека се поделтворни?Одредени Здруженија, реагираа на ова и бараа да се вратат старите лекови.

Парнарџиева-Змејкова: Увозот на лекови е во надлежност на бирото за лекови.Ако има некакви нус-ефекти од користењето на било кој лек, сепак треба да се пријави таму. Сепак за одредени случаи сметам дека се работи за манипулација на јавноста, бидејќи си има процедура која треба да се запази во однос на утврдување на квалиетот на лекот.

Нетпрес: Можеби за првпат кај нас во Стратегијата се предвидени и мерки за зголемување на свеста на граѓаните за здравјето и за здравиот начин на исхрана. Кои активности ќе се преземат во оваа насока?

Парнарџиева-Змејкова: ФЗОМ сака да започне кампања за важноста на промоција на здравјето во соработка со сите чинители на здравствениот систем и со невладините организации. Оваа кампања за промоцијата на здравјето ќе има за цел подигнување на јавната свест за определни добри навики како што се правилната исхрана, физичката активност, здравиот стил на живеење, но и ќе укаже на определени штетни навики и влијанието од истите врз здравјето на сите, како што се пушењето, прекумерната тежина, нередовните контроли кај лекарите и друго. Има уште една работа која планираме да најдеме начин да ја реализираме. Станува збор за општествената одговорност, која не е само тренд во бизнисот, туку сметам дека е и нова матрица на мислење. Претставува одговорност за општеството во кое живееме. Уверена сум дека компаниите се отворени како и ние за предлози и идеи кои ќе ни помогнат во остварување на заедничките цели – здрав и квалитетен живот на сите граѓани.

Нетпрес: Што е со правата на лекарите, се жалат дека со најновите измени, пациентите се заштитени најмногу, а пак се занемарени нивните права како здравствени работници?

Парнарџиева-Змејкова: Фондот е во постојана комуникација и соработува на сите отворени прашања со Лекарската комора, која е еснафско здружение и која е одговорна за прашањето кое го поставувате. Сепак, како Фонд имаме интерес лекарите да бидат задоволни и што е во наша надлежност и во интерес и на пациентит, гледаме да го овозможиме или како поволност, или како процедура. Во нашата Стратегија 2014-2015 година предвидовме стимулации и за лекарите кои сметаме дека ќе придонесат кон подобрување на здравствениот систем во целост.

Нетпрес: Неодамна ја издадовте милионитата Електронска здравствена картичка, што значи овој подвиг со внесување на оваа картичка во здравствениот систем?

Парнарџиева-Змејкова: Целта на овој проект е целосно да се стави во функција електронската картичка и повеќе да не се печатат сини картони. ЕЗК се користи како доказ дека е уплатен здравствениот придонес, но и како алатка за вмрежување во сите електорнски бази на податоци и истовреме е основен инструмент во интегрираниот електронски систем. Оттаму и е-рецептот и е-упатот, кои се проекти на МЗ, се дел од овој интегриран електронски здравствен систем. ФЗОМ наскоро ќе ја информира јавноста под кои услови здравствената книшка нема да мора се користи. Како придобивки од користењето на ЕЗК се избор на лекар инстантно со одјава од стариот, фирми пријава одјава, проверка на статус на осигурување (нема сини картони), потпишување на договори од страна на 4000 субјекти.