Парното поевтинува за 11 отсто

Поевтинува парното греење. Околу 11 % помалку ќе плаќаат потрошувачите на Балкан Енерџи Груп. 11,59 % оние што се греат на ЕЛЕМ Енергетика и имаат мерачи, а за оние кои плаќаат по метар квадратен намалувањето е 9,15 %. За потрошувачите на Скопје Север парното поевтинува за 4 %.

Регулаторната комисија за енергетика одлучи новите пресметки да започнат од 1 август, така што граѓаните ќе добиваат пониски сметки за парно од септември. Пресметките покажуваат дека на годишно ниво, сметките за греење на стан од 50 метри квадратни, се намалуваат за околу 2500 денари.

– Драстично намалената цена на природниот гас и намалените оперативни трошоци на компаниите се клучните причини за поевтинувањето на парното, изјави Димитар Петров, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Новина е тоа што порамнување на сметките наместо како досега два пати годишно, ќе се врши само еднаш. Останува одлуката радијаторите да добиваат топлина до 22 часот.
– Порамнувањето на сметките веќе нема да биде два пати годишно, туку само еднаш во мај, јуни и јули. Веќе нема да има декемвриско порамнување, изјави Петров.
Се менуваат и тарифните модели. Отсега образовните институции ќе плаќаат исто како и домаќинствата. За 40,62 % се намалува парното за градинките и основните и средните училишта што се греат на Балкан Енерџи груп, додека за компаниите 28,74 %, а 14 денари помалку, месечно ќе плаќаат оние што се исклучени од мрежата. ЕЛЕМ енергетика ја намалува цената за  училиштата и градинките за 1,49 %, а 3 % за претпријатијата.
Од 2013 година досега, греењето на домаќинствата е поевтинето за околу 30 %…Од Регулаторна велат дека е запрен трендот на исклучување од мрежата на најголемиот снабдувач со топлинска енергија Балкан Енерџи Груп, кој има 46.000 корисници. ЕЛЕМ енергетика снабдува 3500 корисници, а топланата Скопје – Север 300.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.