Македонија

„Парон“: Враќањето на имотите – обид за креирање македонско малцинство во Грција

„Парон“: Враќањето на имотите – обид за креирање македонско малцинство во Грција
Напорите за враќање на имотите на протераните Македонци од Грција наводно претставувале обид за создавање на македонско малцинство во земјата, тврди весникот „Парон“. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, во анализа посветена на забраната за влез во Грција на македонската адвокатка Трендафилка Сандева, задолжена за предметите на имотите на Македонците, се критикува и пратеничката Марија Јанакаки од Независни Грци, која што со пратеничко прашање го стави под сомнение легитимитетот и оправданоста на ваквата одлука.
„Госпоѓа Јанакаки изгледа не разбира дека ова не е само обраќање до грчките судови, туку и координирана акција за креирање на македонско малцинство во Грција”, коментира весникот, обвинувајќи ја дека наводно не ја разбирала разликата меѓу заштита на индивидуалните права и странска пропаганда.
„Пратеничката секако ќе треба да се објасни и пред жителите на Централна и Западна Македонија, кои што се соочени со стравот дека нивните богатства, наследени или стекнати пред повеќе од 70 години, се под ризик да станат центар на вниманието на судски спор со граѓаните од `Скопје` ”, анализира Парон.
Весникот пишува дека наводниот обид за создавање на темата за македонско малцинство во Грција почнал во 2008 ма, благодарение на премиерот Никола Груевски.
„Се почна со благослов од господинот Груевски во 2008 ма, со славното писмо до Караманлис во кое што бараше признавање на македонско малцинство и на тврдењата за имотите, што беше одбиено во Атина”, се вели во текстот.
Политиката на владеачката ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Груевски во однос на проблемот што Атина го има со нашето уставно и историско име со години наназад е мета на критика во грчката јавност, а нивните ставови се оценуваат како цврсти и непопустливи. Многу поприфатливи за грчката страна се, според нив, флексибилните ставови на македонската опозија, а тоа отворено беше кажано и во последната анализа на директорот на грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП, Танос Докос.
Коментирајќи евентуален предлог кој што целосно би ги задоволил грчките апетити, тој истакнува дека до решение сепак нема да дојде поради политиката на премиерот Груевски за името која што наводно не гледала на долг рок, за разлика од опозицијата предводена од СДСМ која што според ЕЛИАМЕП имала “одговорен пристап” за ова прашање.