Партиите ќе потпишуваат Кодекс за фер избори

Коалициите и политичките партии кои ќе учествуваат на изборите на 11 декември утре ќе потпишат Кодекс со кој ќе се обврзат за фер и демократски изборен процес.

В понеделник, 21 ноември, почнува дваесетдневната изборна кампања која ќе трае до 9 декември на полноќ.

Партиите и коалициите се подготвуваат за митинзи и средби со граѓани. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ кампањата ќе ја започне традиционално во Охрид, СДСМ и коалициските партии во Прилеп, ДУИ во Липково…

Во ДИК вчера со жребување беше утврден редоследот на учесниците на изборите на гласачкото ливче.

Под реден број еден на избирачкото ливче е Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, под редниот број два е Демократската партија на Албанците (ДПА), тројка е Демократската унија за интеграција (ДУИ) и редниот број четири го извлече Коалицијата предводена од СДСМ. Под број пет на избирачкото ливче ќе биде Коалицијата „За промени и правда-ФРОДЕМ“, ДЕМОС, ДС, МОРО-РП, шеста ќе биде Партијата за демократски просперитет (ПДП), седма Коалицијата „Алијанса за Албанците“, осма Либералната партија, деветта ВМРО-За Македонија, десетта на избирачкото ливче ќе биде Движење БЕСА и 11 политичката партија Левица.

Под овие броеви коалициите и политичките партии ќе настапуваат во сите изборни единици.

На изборите на 11 декември ќе учествуваат 11 политички субјекти – пет коалиции и шест партии. Право на глас ќе имаат вкупно 1.784.524 граѓани. Во дијаспората ќе можат да гласаат 20.591 македонски државјани.