Партиите повторно на преговори: Се усогласуваат законските измени за медиуми, влада и МВР

Претставниците на партиите потписнички на Договорот од Пржино денеска повторно ќе се состанат. Никола Тодоров, Радмила Шекеринска, Артан Груби и Имер Алиу засилени со партиски претставници денеска на средба треба да почнат со усогласувањата од договорот во делот на медиумите, владата и МВР, пред законските решенија да влезат во собраниска процедура.

Минатиот петок владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ инсистираа во пакет со измените на Изборниот законик, Собранието да ги донесе и измените во делот на медиумите, во Законот за Владата и Законот за МВР, но СДСМ одби законските измени да се носат во пакет.

Позицијата на социјалдемократите е партиите да се придржуваат до договорот на четирите партии со посредство на амбасадорскиот двоец Аиво Орав и Џес Бејли, односно прво да се донесe Изборниот законик и потоа, како што е предвидено во договорот, да се носат и другите закони.

Договорот меѓу четирите партии постигнат на 20 јули во делот за медиумите предвидува:

Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги и Изборниот законик во тој дел да бидат изменети во рок од 15 дена од постигнувањето договор. Односно измените за медиумите треба да се донесат до 4 август. АВМУ треба до 30 август да го формира ад хок-телото кое ќе го набљудува почитувањето на медиумските одредби од Изборниот законик. Ова ад хок-тело ќе функционира до крајот на избирачкиот процес.

Исто така, партиите ќе треба да направат законски измени со кои примената на Законот за внатрешните работи ќе биде суспендирана до 1 јануари 2017 година и ќе го ограничи бројот на менаџерски именувања во МВР на 15.

Доколку изборите се одржат во 2016 година, новата влада, која ќе го следи договорот од Пржино, ќе биде изгласана во Собранието 100 дена пред договорениот ден на изборите.

Законот за Владата ќе се измени во делот на мандатот на сите министри и дополнителни заменик-министри именувани во согласност со договорот од Пржино. Нивниот мандат ќе престане на денот кога ДИK ќе го потврди официјалниот резултат од изборите.