Партијата ја поставија на листата на срамот

Политичката криза си ги добива размерите кои, бар за оние кои добро ги следат состојбите, беа очекувани. Со оглед на фактот дека изборите завршија пред една година, резултатот беше со огромна разлика од 200 000 гласови, опозицијата нема победено на ниту едни избори после нивната победа во 2002 година и со оглед на фактот дека зад нивната стратегија се налепија десетина групи и поединци со сомнителна агенда и намера, немаше што друго и да се очекува. Слабата опозиција, без програма и со слаб кадровски капацитет неможеше да понуди ништо освен сценарио кое требаше да доведе до бура од хаотични состојби во државата, кое требаше да внесе омраза кон политичкиот противник засолена со многу манипулации и нечесност, сценарио кое требаше да предизвика насилства и конфликти помеѓу граѓаните.

За жал, дури и долгогодишните и докажани членови на СДСМ или нивни поддржувачи низ медиумите кои се одлучија во минатите три месеци да се спротистават на оваа стратегија и сценарио, објаснувајќи дека или тоа е невозможно да се реализира или дека не е доволно за остварување на нивната цел, не беа ниту слушнати, ниту разбрани од раководството на СДСМ, туку беа нападнати еднакво агресивно и ниско како да се членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Митингот на СДСМ беше добар повод да се анализира од повеќе аспекти. Секако јавноста беше заинтересирана да ја види бројката на луѓе кои биле мотивирани и одлучни да излезат на овој митинг и со своето присуство да побараат оставка од Владата на Република Македонија, но и да дадат своевидна верификација и поддршка на се што СДСМ направи во минатите месеци. Бројките се немилосрдни и јасни. Математиката, која колку и да не ја сакаат во СДСМ, е јасна. Површината на која имаше собир може да трпи не повеќе од 20 000 луѓе. Впрочем таа бројка ја известија и сите релевантни странски медиуми (Франс Прес, СНН, Гардијан,…).

За среќа во време на технологија има и видео записи од претходни нивни митинзи кои биле и два пати поголеми од овој. Да потсетам дека СДСМ води своевидна агресивна кампања веќе 4 до 5 месеци, во кои 3 месеци континуирано ги објавува тие така наречени бомби, кампања која како никогаш до сега не траела толку долго, кампања во која СДСМ ја искористи целата своја мрежа и логистика низ медиумите и невладините организации и на крај повторно не наиде на поддршка од граѓаните на државата.

За мене позначаен елемент се пораките кои беа упатени на овој митинг. Тоа треба да се види за да се разбере политичкиот дискурс, размисла или патека по која оди СДСМ под водство на новото раководство. Тука има многу материјал за анализа, а јас ќе се обидам на кратко да го напишам моето размислување без да инсистирам дека тоа мора да биде прифатено од сите читатели на овој текст.

Прво, како никогаш до сега СДСМ ги изложи на јасна позиција сите новинари кои до сега полуприкриено или прикриено им давале сесрдан поддршка. Сега тоа беше јавно и транспарентно, без притоа никој од нив да не се грижи бар малку да остави впечаток за објективност и разумност. Мислејќи дека во овој налет СДСМ ќе успее да победи, луѓево јавно, јасно, гласно се изложија на ситуација од која понатаму никогаш нема да може да кажат дека се објективни новинари. Тоа што даваат поддршка на една партија не е грев, напротив добро е јавноста да знае зад која политика тие стојат, грев беше што до сега го прикриваа истото. Повеќето од нив ми се и пријатели и комуницирам со нив, нивниот излет во партиската агенда не ми смета. Напротив, добро е и јавноста да знае како реално изгледа состојбата во новинарството во Македонија.

Второ, сето она што ние го говоревме за неколку гласни и сеприсутни невладини организации, најчесто финансирани од Сорос, и ред на граѓански иницијативи кои ете сосема случајно се појавија во последните 6 месеци излезе дека е точно. Без да навлегувам во содржината на Законот за високо образовани и критиките кои кон него ги имаа голем број на студенти, денес е јасно дека пленумите немаа цел да им помогнат на студентите, туку имаа цел да бидат дел од добро и долго планирано сценарио за напад на владата. И овде не мислам за големиот број на студенти кои искрено и чесно застанаа против овој закон, нив ги почитувам, ги слушам и со многу од нив сум разговарал, но говорам за неколкуте луѓе од Сорос кој стоеа зад оваа операција, и логистички и финансиски и медиумски. Една добра граѓанска иницијатива ставена во партиски контекст беше срушена и уништена. Денес повторно никој нема да верува дека граѓаните сами може да се организираат и да се борат за своите права без приота некоја партија да стои зад нив и да ги злоупотреби за партиска агенда и партиски митинг.

Трето, на нивниот митинг говореа луѓе кои навистина имаат проблем да зборуваат со кредибилитет. За слобода говореше човек кој директно има наштетено на слободата на Ристо Шишков, за новинарството зборуваше човек кој буквално физички има нападнато новинар, за толеранција зборуваше професорка која во своите настапи зборува со омраза кон сите кои не мислат како неа, за почитување на закони говореше човек за кој сите видовме во видео материјал дека не само што ги прекршува, туку и дека е дрзок спрема правот, за европски вредности ни говореше човек кој доаѓа од проруска партија од Бугарија и човек кој додека беше премиер не направи ништо за европските вредности кон македонскот малцинство во неговата земја. Тоа е тој систем на слепило. Не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам.

Во оваа колумна воопшто не сакам да зборувам за иконографијата и целата лажна и лицемерна политика на СДСМ кон нашите сограѓани Албанци. Тие најдобро знаат како СДСМ се однесувала спрема нив додека била на власт. Нема да потсетувам.

После митнгот на СДСМ многу луѓе кои дури и имале симпатии кон нив имаат полно право да се чуствуваат измамени и заведени. А другите, другите имаме обврска да не дозволиме ова сценарио и понатаму да и нанесува огромна штета на Македонија. Со разум и ум, со мудрост и трпение овој наш народ ќе им покаже дека не само што не добија ништо од оваа ниска стратегија, туку ја поставија својата партија на листата на срамот. Наш приоритет е силна и стабилна Македонија, држава каде економијата и работните места ќе се приоритет, а не ниските политички пресметки помеѓу партиите