Партискиот вештак на Јанева шири говор на омраза и повикува на насилство

Македонската асоцијација на новинари (МАН) најостро реагира по објавувањето на последниот коментар на авторот Мирослав Грчев на интернет порталот Плусинфо.

Оттаму наведуваат дека во коментарот насловен „Со оган на Владата и на Советот на Град Скопје!“, Грчев повикува на насилство кон неистомисленици и кон јавни институции со чии одлуки не се согласува.

Сметаме дека објавувањето на текст кој завршува со коментар, цитираме: „ако ги запалиме бараките на Град Скопје и зградата на Владата – симболично одговорните топоси за ова злосторничко уништување на нашите животи, интегритет и достоинство – и ги „обработиме“ со градежна механизација, со булдожери и багери, Спомениците на Злото од „Скопје 2014“, е тогаш бидете сигурни дека тие скотови ќе ја сфатат пораката!“ претставува јасен повик на насилство. За жал, станавме навикнати на вакви и слични повици на насилство и говор на омраза од страна на истакнати претставници на политичката опција на која и припаѓа господинот Грчев. Ваквите повици придонесоа до поголем број напади врз медиуми и новинари, што МАН го смета за апсолутно неприфатливо. Особено загрижува тоа што порталот кој изнесува ваков вид говор на омраза, и институциите како СЈО со кои соработува авторот на текстот, уживаат, или барем тврдат дека уживаат, поддршка од амбасади и меѓународни мисии во Македонија и од фондации финансирани од странските претставници, се вели во соопштението испратено од МАН.

Оттаму додаваат дека токму поради ова сметаат дека е потребно употребата на овој вид на говор на омраза да биде широко осудена, со цел да се спречи оставањето на впечаток дека поттикнувачите на насилство во политиката имаат поддршка и можат да сметаат на неказнетост.

Дополнително, како што информираат од Основното Јавно обвинителство, истите натписи и објави се разгледуваат и таму.

Обвинителството ги следи сите натписи и објави и доколку пронајде елементи на кривично дело, а кое се гони по службена должност, ќе се поведе постапка согласно законот, информираа од ОЈО.