Паскали: Победата на Ципрас почна да ги менува Европа и Балканот

Изборот за нов грчки премиер на Алексис Ципрас, лидер на коалицијата на радикалната левица Сириза, треба да ја пресоздаде вистинската Европска унија, ослободена од НАТО и од банките, како и суверена алијанса на балканските држави. Изборната победа на Ципрас веќе почнува да ја менува Европа и Балканот, вели американскиот аналитичар Умберто Паскали во интервју за програмата „Гласот на народот“ на ТВ „Сонце“, пренесува МИА.

– Ова би можело да биде почеток на крајот на балканизацијата, на поделбата на регионот на се помали држави во вечен судир помеѓу себе. Турција, Грција, Македонија, Албанија… А во исто време Балканот е автопат на развојот и клучен комуникациски и транспортен коридор, кој го поврзува Блискиот исток, а со тоа Азија и Африка, со Централна Европа. Но, Вол Стрит и Лондон Сити, големите финансиски институции и државите кои тие ги контролираат не сакаат оваа област да биде просперитетна и суверена, па оттаму и поделбата и балканизацијата. Европските држави треба да бидат осиромашени, ослабени, а потоа употребени како топовско месо во војната против Русија и Кина, под знамето на САД и НАТО, рече Паскали.

Угледниот американски експерт за Балканот додава дека „новата грчка влада претставува прекин со сето ова“ и наведува дека првиот потег кој премиерот Ципрас го повлече по церемонијата на комеморација на грчката борба против нацизмот беше да се сретне со рускиот амбасадор, вториот – се сретна со кинескиот амбасадор.

– Потоа Ципрас изјави дека шефот на ЕУ, Туск, лаже кога вели дека сите лидери во Европа ја осудија Русија и дека се подготвени да покренат нови санкции. Грција е против нови санкции и против осудата на Русија, вели Паскали.

Според него, ова значи дека планот да се употреби ЕУ во „самоубиствениот судир со Русија налета на првата непремостлива пречка“.

– Оттаму, не е изненадување што заменик државниот секретар на САД, Викторија Нуланд, одеднаш почувствува нагон да изјави дека ќе отпатува во Грција за да посредува помеѓу Атина и Скопје. Многу се исплаши. Идејата да се замоли рускиот претседател Владимир Путин да посредува меѓу двете држави веќе се врти помеѓу водечките кругови во двете држави. Нуланд истакна дека нејзината цел е со сила да ја турне Македонија во НАТО и со тоа во војна против Русија. Ама некако не им функционира, смета аналитичарот.

Паскали одамна ја предвиде победата на Ципрас и неговиот избор за премиер најдоцна до јануари и, исто така, го предложи посредувањето на Путин.

– Кога ЕУ беше зачната, таа беше многу поинаква од чудовиштето кое го гледаме сега – куп бирократи платени од големите банки за да ја имплементираат политиката на мизерија и војна, вели Паскали.

Тој се навраќа на падот на Берлинскиот ѕид на 9-ти ноември 1989 година и ликот на Алфред Херхаузен, шефот на „Дојче банк“ и висок советник на канцеларот Хелмут Кол.

– Гледајќи ја политиката на уништувачко штедење, која Берлин ја наметнува, човек траба да се присети колку поразлична беше политиката на Германија во времето кога за Унијата на Европа се уште се дискутираше. Филозофијата на Херхаузен беше дека улогата на банките е да ја финансираат реалната економија, индустријата, инфраструктурата, рече Паскли.

На крајот, американскиот аналитичар појаснува: „Херхаузен беше многу јасен дека ако некоја држава не е способна да си го врати долгот, професионална и морална должност на банката е да не ја осуди на финансиска смрт. Всушност, тој и го прости долгот на Латинска Америка и ’Дојче банк’ стекна уште повеќе моќ. Неговиот план за долгорочни инвестиции на истокот и на југот на Европа беа прекинати кога беше убиен само три недели по падот на Берлинскиот ѕид. Тогаш политиката на чиста финансиска спекулација ги обзема сите германски финансиски институции. Волстрит ја презеде ’Дојче банк’. Доколку Ципрас е способен да ја присили Германија да се врати кон нејзината оригинална европска политика, тогаш Германија би требало да му се заблагодари…“, заклучи Паскали во интервју за програмата „Гласот на народот“.

Фото: МИА