Патешествие на иселеничка поради СЈО: Останав без лична карта зашто ми ја зела некоја си Kатица

Таа се вратила во МВР и наредниот ден со надеж дека личната карта овој пат ќе ја подигне.

Тогаш господинот ми кажа дека личните карти се кај Kатица во специјално обвинителство. Го прашав која е Kатица. Се зачуди и ми искоментира: „Kако не знаеш која е Kатица?“. Најпосле ми кажа дека се работи за посебна институција и каде се наоѓа Обвинителството, па се упатив таму – раскажува за своето патешествие соговорничката на ДНЕВНИК.

Во СЈО имала кратка средба со некоја од обвинителките, чие име не го дознала.

Дојде една девојка која беше сосема незаинтересирана. Ми рече дека за мојот случај мора писмено да се обратам, но кога и’ реков зошто писмено да се обраќам кога еве веќе сум лично тука и можам директно да поднесам барање или да ми даде електронска адреса на која би можела да се обратам, дрско, многу дрско ми се обрати: „Да не сакаш јас да ти ја напишам молбата?!“ – вели иселеничката за односот во СЈО. По ова не и останало ништо друго освен писмено да се обрати до СЈО.

Повторно шетање од СЈО до МВР и од МВР до СЈО

Слична приказна ни пријавија и десетина други граѓани. Ниту еден од нив не добил одговор на писменото барање со недели, за вчера наеднаш, ден откако „Дневник“ се обрати до Обвинителството на Јанева за тоа дека има поплаки од граѓани што не можат да си подигнат лични карти од МВР, да им стигне известување од СЈО на Јанева. Одговорот што го добиле е уште позачудувачки – сите граѓани кои имаат ваков проблем писмено да се обратат до МВР објаснувајќи дека личната карта им е во СЈО и да побараат МВР писмено да се обрати до СЈО конкретната лична карта да им биде вратена назад за да може да биде издадена на граѓанинот.

Сличен одговор од СЈО ни стигна и нам на нашите прашања при што оттаму ни нагласуваат дека во суштина немало некои забелешки од граѓаните за овој проблем.

Личните карти што не беа подигнати од страна на граѓани, а се наоѓаа во МВР беа прибавени од наша страна за да се утврди за што точно станува збор и од кои причини личните карти се наоѓаат во МВР. Во оваа насока појаснуваме дека доколку се јави граѓанин на кого личната карта не му била издадена и бара истата да му се предаде, за таквата состојба ние сме известувани од страна на МВР, по што ние личните карти ги враќаме на МВР, кој потоа ги врачува на граѓаните. До ова Јавно обвинителство директно се имаат обратено граѓани и на сите им е појаснета процедурата и начинот на кој може да им биде вратена личната карта, со објаснување зошто постапката налага предавањето на личните карти да се изврши преку МВР, ни одговорија од СЈО.

Што тврдеа Фатиме Фетаи и Оливер Спасовски

Неподигнатите лични карти првпат во јавноста беа споменати на 12 февруари од страна на обвинителката во специјалното обвинителство Фатиме Фетаи. Таа ги претстави како крунски доказ за изборните манипулации од страна на злосторничкото здружение во кои ги сомничи поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески и градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко.

Од ова произлегува дека се работи за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и вметнување во Избирачкиот список на лица што по ниедна основа не смеат да бидат….изготвени се 35.000 лични карти кои не се подигнати од барателите, и никој не знае зошто стојат во МВР, рече Фетаи објавувајќи го „Титаник“.

Две недели подоцна, на 26 февруари токму овие неподигнати 35 илјади лични карти ги коментираше и Спасовски во насока дека тие се веќе во СЈО, а дека МВР целосно соработува за случајот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.